ССМ за Алфа: Во март очекуваме минимална плата од 18.000, неприфатливо е тоа да е подоцна

Одложувањето за раст на минималната плата на 18.000 денари за синдикатот е неприфатливо, зашто според нив, потребата за зголемување е реално за живеачката на работниците. Првиот човек на најголемиот синдикат на Македонија рече дека ваквото барање е неминовно, имајќи предвид дека потрошувачката кошница надминува 35.000 денари. Оваа сума нее доволна ниту за двајца работници кои земаат минималец, зашто им фалат 4.640 денари за да може да ги покријат минималните месечни потреби во семејството.

  • Работникот тоа го очекува согласно ценовните шокови, енергетската криза. Ние немаме друга надеж освен да нѝ се зголемат платите и да преживееме во тековниот месец. Тоа што го кажува министерот за економија, за раст во вториот квартал, за нас е неприфатливо и нема никаква смисла бидејќи во март, и да не сакаме, мора да се усогласи минималната плата, а поради ковид пандемијата и енергетската криза, сметаме дека 18.000 денари е прифатливо решение за работниците кои земаат минимална плата, а ги има над 110.000, вели во изјава за Алфа, Дарко Димовски.

Очекувањата и на Владата и на работодавачите се дека заради енергетската криза, првите три месеци од оваа година ќе бидат меѓу најтешките досега и затоа треба да се почека со зголемувањето на минималецот. Синдикатите алармираат дека условите на пазарот биле крајно лоши и работниците не можат да чекаат.

Министерот за економија, пак, Крешник Бектеши рече дека минималната плата годинава ќе расте и за тоа немало дискусија, но дека растот нема да се случи веднаш како што се очекуваше.

  • Минималната плата во текот на 2022 година ќе се зголеми минимум на 18.000 денари. Согласно проекциите и анализите кои се направени тоа ќе се случи најверојатно во вториот квартал од годинава, рече министерот за економија Крешник Бектеши.

Паралелно, со растот на минималната плата се бара и скалесто зголемување на сите останати плати, додава Димовски. Вели тоа било предвидено и во членот 8 од Законот за минимална плата, дополнително се и колективните договори во кои се вметнати коефициентите за сложеност на работа и степенот на образование.

  • Не се почитуваат законите и колективните договори, а зошто е тоа така, ќе ги прашате работодавачите и Владата. Во член 8 од Законот за минимална плата се вели дека согласно растот на минималната плата се усогласуваат и останатите плати, а плус имаме и колективни договори на ниво на сектори и гранки каде се вметнати коефициентите согласно сложеноста на работа и степенот на образование на работникот. Работодавачите треба да кажат зошто не го даваат тој дел, а се обврзани согласно колективните договори да го прават тоа, а и Владата преку инспекциите зошто не им наложува да го сторат тоа бидејќи вака се губат добар дел од даноците што може да се земат по основ на придонеси од платите. Со тоа губат сите – и работниците и државата, потенцира Димовски.

И додека ставовите на ССМ и Владата се разминуваат, останува неизвесно кога минималецот ќе порасне на 300 евра – сега или најрано во април.

Синдикатот веќе в понеделник ќе седне на иста маса со Владата и ќе разговараат за раст на платите, К-15 за јавниот сектор, како и непочитувањето на „недела“ како неработен ден. Ако работите не мрднат од мртва точка, синдикалците најавуваат генерален штрајк.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста