ССМ: За 200 денари пораснале минималните трошоци во октомври во однос на септември

Трошоците растат, платите стагнираат, а државата никаде ја нема да помогне. Граѓаните секојдневно се жалат дека едвај преживуваат. Само минатиот месец основните трошоци на едно четиричлено семејство пораснале за 200 денари во однос на претходниот месец, покажуваат податоците на Сојузот на синдикати на Македонија.

  • Синдикалната минимална кошничка во октомври изнесува 34.584 денари. Храната учествува со 42,7% во вкупната структура на кошничката или за храна и пијалоци потребни биле 14.779 денари. За режиски трошоци биле потребни најмалку 10.879 денари, а за хигиена 2.390 денари, велат од Сојузот на синдикати на Македонија.

Во пракса поскапувањето е и многу поголемо, ако се види дека во маркетите секојдневно се лепат нови, повисоки цени.

Од ССМ алармираат дека под итно ни треба зголемување на платите, зашто се живо е поскапено. Велат, државата да ги прифати забелешките на синдикатите во врска со зголемувањето на платите за да не продолжи трендот на осиромашување на граѓаните.

И државната Статистика измери дека вртоглаво растат трошоците за живот. Во октомври пораснале за 4,1% за разлика од истиот месец лани, а цените на мало пораснале за 6,1%. Храната е поскапена за 4,6%, транспортот за над 18, маслото за 25, а горивата за над 30%.

Иако бизнисмените сметаат дека инфлација од 3,1%, колку што прогнозира Народната банка за годинава, е преоптимистична и нереална, гувернерката смета дека место за паника нема.

  • Во однос на опоравувањето на глобалната економија, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), предвидува дека таа оваа година ќе расте со стапка од близу 6%, што е солидна стапка. Ние сме трговски отворена економија и во голема мера домашните случувања зависат од глобалниот контекст…Но, доколку глобалната економија, а посебно нашите најзначајни трговски партнери, се опоравуваат со позабавена динамика од таа што сега ја очекуваат, тоа ќе претставува и ризик за патеката на закрепнување на нашата економија, рече меѓу другото Бежовска.

И додека кај нас мака мачиме како да преживееме и никој не мрда ни со прст, соседството ги замрзнува цените да не загрози страндардот на граѓаните, на кои веќе им се зголемени платите. Цените на горивата во Хрватска остануваат замрзнати уште еден месец, потврди премиерот Андреј Пленковиќ. Тој рече дека државата работи во корист на граѓаните.

И соседна Србија го штити стандардот. Во наредните 6 месеци ја замрзна цената на лебот, се додека не се стабилизра ситуацијата. Кај нас пак, додека изгор скапите цени на храната и енергенсите силно удираат по џебот на граѓаните, нема никакви мерки за колку толку да се ублажи ценовниот шок.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста