ССМ: Неработни сабота и недела, породилно 12 месеци, предвремена пензија со 15 години стаж

Сабота и недела да бидат прогласени за неработни денови, породилното отсуство да трае 12 месеци и раст на минималната плата – ова се барањата на Сојузот на синдикати кои ќе бидат стартна основа за преговори со новата Влада. Од синдикатот велат дека нема да отстапат од овие барања.

Според нив, новиот Закон за работни односи треба да содржи и одредба договорите на определено време да се користат само во исклучителни услови и да траат најмногу до една година.

„Бараме целосно остварување на правото на годишен одмор, зошто и тоа исто така се злоупотребува во приватниот сектор. Она што е неопходно за нас е сабота и недела да бидат денови на неделен одмор. Зошто? За да може нашиот работник да се посвети на својата фамилија и социјалниот живот, а не да одиме од работа дома, па пак на работа, т.е. да станеме модерни робови“ – вели Дарко Димовски, претседател на ССМ.

Синдикатот бара и воведување на бенифициран стаж за градежните работници, како и за оние што работат во тешки услови кои им го нарушуваат здравјето. Бараат и пензија по дејности, односно со закон да се предвидат различни услови за пензионирање на градежник, текстилец, рудар, административец.

Дел од предлозите се и да се врати стариот услов за одење во пензија според работниот стаж, односно 35 години работен стаж за жена и 40 години за маж, без оглед на годините на возраст. Синдикатот бара и секој да може предвремено да се пензионира на 60-годишна возраст ако има работен стаж од најмалку 15 години.

„Имаме барања од наши работници кои имаат над 60 години и 43 години работен стаж. Поучени од сето тоа, не сакаме од работа да заминеме на гробишта. Сакаме да уживаме во животот, да се посветиме на фамилијата, на внуците“ – вели Димовски.

Од новата Влада ќе се бара законски да овозможи сами да го доплатат придонесот за пензиско ако не го исполниле условот за минимум 15 години работен стаж.

ССМ бара Ковид-19 да се смета за професионална болест, со право на 100 проценти надомест на плата. Ќе бараат и минималецот да се утврди на 60% од просечната плата во државата.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста