ССМ бара Владата да обезбеди пари за повисоки плати, Мицкоски вели ќе разговараме во рамки на реалните можности

ССМ бара Владата да обезбеди пари за повисоки плати, Мицкоски вели ќе разговараме во рамки на реалните можности

Раст на платите и склучување на колективни договори на нивните анекси, треба да се највисоко во агендата на новата Влада. Ова го порача првиот синдикалец, кој рече дека достоинството на работниците во никој случај не смее да се политизира.

ССМ повика на склучување на колективните договори и нивните анекси, како оние на функционерите, за да можат работниците во Македонија од наредната година добијат покачување од околу 15 проценти.

„Нашата борба за раст на платите и склучување на колективните договори не е политичка борба како што некој сака да ја претстави. Нашата борба е за достоинствен живот од нашиот труд за достоинствени плати кои ќе ни овозможат да преживееме на крајот на месецот“, изјави Слободан Трендафилов, претседателот на ССМ.

Премиерот Христијан Мицкоски исто така рече дека Владата е подготвена да разговара со синдикатите, но само врз основа на реалните можности на буџетот.

„Подготвени сме со сите да разговараме врз основа на реалните можности на буџетот. Подготвени сме да организираме средба и со синдикатите и со работодавачите заедно сите да најдеме решение и убеден сум дека сите ние имаме еден заеднички интерес, а тоа е да успее Македонија. Ако сите се водиме од овој заеднички интерес, тогаш убеден сум дека ќе најдеме решение“, изјави премиерот на Македонија Христијан Мицкоски.

Од ССМ најавија дека во иднина ќе продолжат да се борат за растот на платите и минималецот и дека ќе застанат позади гранските синдикати кои се борат за растот на нивните плати на членовите во дејностите кои не добија усогласување и потребата од растот на минималната плата.

Трендафилов рече дека кога ќе се донесе одлука за синдикална акција, ќе ја дадат безрезервната поддршка, а ако е потребно ќе излезат и на улица.

Раководството на ССМ доби поддршка од Европската конфедерација на синдикатите (ETUC) и во борбата за спас на Работничкиот дом и е со очекување што побргу да биде променета пресудата за конфискација на синдикалниот дом.

Љубиша Владимиров

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста