ССК испорача 15 мерки за зачувување на работните места и опстанок на претпријатијата

Бизнисот мора да застане на нозе. Време за губење нема. Сојузот на стопански комори испорача 15 мерки за помош на бизнисот. Велат без итна финансиска инјекција, фирмите нема да опстанат, а работните места ќе бидат изгубени. Приоритет за стопанството е Владата да продолжи со финансиската помош од 14.500 денари по работник за исплата на плати и тоа продолжувајќи од јануари до април. ССК бара и да се продолжи со давање на бескаматни кредити.

Бизнисот бара да се укинат аконтациите за данок на добивка и каматата за задоцнето плаќање на данок и други давачки кон УЈП, како и до крај на годинава да се одложи рокот за поднесок на ДДВ извештаи. ССК смета дека треба да се пролонгираат роковите за поднесување годишна сметка и финансиски извештаи. Се бара унифицирана даночна стапка од 10% на ДДВ во угостителството, а иста стапка од 10% бара и туристичкиот сектор. Дејностите како превоз, угостителство, туризам, сметководство, едукација, установи за згрижување на деца имаат потреба од директни грантови за целосно да не пропаднат.

Сите стопански комори бараат инспекциите да спроведат масовна и одлучна акција против сивата економија, односно кон негеристрираните фирми кои имаат учество од 40% во вкупната економија и затајуваат даноци во висина од една третина од националниот буџет. Бизнисот смета дека помошта треба да дојде веднаш и да се надминат проблемите при имплементација на мерките. 5-тиот пакет мерки ќе се знае најдоцна до стартот на февруари. Дел од него ќе биде и мерката за укинување на  царинските стапки за 71 тарифна ознака во преработувачката индустрија.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста