Средното училиште „Здравко Цветковски“ без парно – ескалираат проблемите поради енергетската криза

Седум дена учениците од средното училиште Здравко Цветковски без греење – ова училиште е единственото каде учениците следат онлајн настава. Додека надлежните си ја префрлаат вината, проблемот со финансиската состостојба на дел од скопските општини на терен ескалира. Поради неажурноста на надлежните, среднопшколците во ова училиште останаа без греење а директорката се правда дека не седела со скрстени раце – направиле јавна набавка за потребната количина на гас за целата грејна сезона, но поради покачувањето на цената, немале доволно финансии.

Имаме проблем со греењето, цената на гасот е покачена за три пати од она што сме го планирале и сега немаме средства. Ете толку е причината. Ние второто полугодие го почнавме со физичко присуство. Децата осум дена беа на училиште, денеска е седми дена како се онлајн, наставата тече. Денеска е само седми ден како се децата онлајн. А јас се надевам дека веќе од понеделник, или евентуално вторник, среда, децата ќе се вратат на настава со физичко присуство.
Не седам со скрстени раце, ги правам сите напори, сите можни извори за обезбедување енергенс за училиштето и работам да се обезбеди тоа,
вели директорката Томовска.

И додека на терен веќе се чувствуваат последиците, Заедницатa на единиците на локална самоуправа и Владата си ја префрлаат одговорноста. Претседателката на ЗЕЛС и градоначалничка на Скопје Данела Арсовска се закани со радикални чекори ако Владата не им помогне на општините.

Вчера, премиерот Ковачевски се согласи  да се сретне со 22цата градоначалници кои се во раководството на ЗЕЛС, но им замери дека не предвиделе средства во Буџетот на време.

Драстично повисоките цени на струјата и на гасот силно удрија на финансиската стабилност на општините кои и онака беа заглавени во долгови кои се таложеле во претходниот период.

Опозицијата предупреди дека згора на се, централната власт оваа година за прв пат и тоа намерно ги намалила дотациите од државниот буџет со цел да го отежне функционирањето на општините и, како што велат, со тоа да им се одмазди на граѓаните кои на последните избори во најголем дел гласале за ВМРО-ДПМНЕ а не за СДСМ.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста