Средношколците се закануваат со бојкот, Царовска не попушта

Средношколците не попуштаат, ама и министерката Мила Царовска не се откажува од планот за дигитализација на учебниците. Притисоците и негодувањата во јавноста се множат, а се повеќе се слуша гласот на учениците и родителите кои се против ваквата реформа во образованието. И од иницијативата „Средношколски глас“ денеска пред МОН ги претставија нивните барања, а доколку ресорното министерство не ги земе предвид, уште помасовно ќе ја бојкотираат наставата и ќе излезат на улица.

Бараме да се организира јавна расправа за предложениот закон, каде што ќе сослушани сите страни како и стручни преттавници кои непосредно би учествувале во неговата ревизија и интервенција на законскиот текст. Ваквиот начин за промени во образованието, не ги решава проблемите туку создава нови – велат од „Средношколски глас.

Додека критиките во јавноста не стивнуваат, од МОН тврдат дека работат само за доброто на образовниот систем. Со 21,5 милиони евра заем од Светска банка ќе биде реализиран проектот за унапредување на основното образование, кој вклучува низа реформи и ќе се имплементира до 2026 година.

Овој среднорочен проект има за цел да ги опфати сите аспекти за да се подобри основното образование. Силно сум убедена дека проектот ќе успее да ги постигне очекуваните ефекти затоа што не само што има поддршка од Светска банка и заложба од Владата на Република Северна Македонија, туку целото општество и сплотено и обединето да имаме подобро образование – вели министерката Мила Царовска.

Во меѓувреме, неколкудневниот бојкот е прекинат, поради ветувањата на претставниците на МОН дека ќе ги разгледаат барањата на родителите кои очекуваат до понеделник повик за повторна средба. Доколку тоа не се случи, масовно ќе протестираат.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста