Среде војна во Украина земјоделството е во криза – ќе успееме ли сами да се прехраниме?

Недостигот и поскапувањето на храната поради војната во Украина ја покажа потребата од домашно производство на основните прехранбени производи.  Македонија произведува пченица, но не е доволно за да ги задоволи домашните потреби. Дури и да биде изгласана на време, мерката за проширување на интервентниот фонд предвидува многу мали парични средства за земјоделците, сметаат од Агро комората при ССК.  Од друга страна цената на ѓубривото бележи пораст  3а 3-4 пати, а доколку не се стави доволна количина во почвата каде е засеана пченицата  производството ќе биде помало и помалку квалитетно .

Тоа се 2500 денари по хектар. Потребата на земјоделецот за вештачко ѓубре за пченица и за јачмен е од прилика 300-400 килограми по хектар, а во моментов еден килограм ѓубре е едно евро, значи имате 300-400 евра по хектар и сега вие на земјоделецот му давате наместо 400 евра по хекар 40 евра. Каква е таа субвенција, 1 десеттина од потребата ? За оваа проширена мерка за пченка, за сончоглед за ориз, тие се интензивни култури односно значи дека потребата за вештачко ѓубре може да оди до 600-800 килограми вештачко ѓубре по хектар. Вториот сегмент е тоа што сега треба да садат земјоделците, кога ќе ги добијат тие субвенции ?– посочи претседателот на агро- бизнис комората при Сојузот на стопански комори Горан Ѓорѓиевски.

Производителите апелираат да не се губи ниту ден со реализација на најавените мерки. Не само во делот на интервентниот фонд кој вчера го најави ресорниот министер туку и во делот на проширување на посевите.

Мерката за сончогледот и оризот е точно на време, а за пченицата и за јачменот тоа е закаснато. За 10-15 дена треба да заврши сеидбата на сончогледот и на пченката, а додека што се однесува на оризот тоа може да биде и за 20 дена. Така да тоа треба да биде брзо, и да не се чекаат формалности. Со носњето на одлуката на Владата да се префрлат одма средсвтата, за да можат производителите да набават основни материјали, вели Илчо Богданов, призводител на пченица.

Власта вчера се пофали дека финансиски ќе ги поддржи производителите на житарици за да купат квалитетни ѓубрива, но за останатите нивни барања околу доцнењето со парите за зелената нафта и другите видови на поддршка нема ништо поконкретно. Дел од земјоделците од Пелагонискиот регион вчера излегоа и на блокада на Плетвар од каде алармираа дека состојбите стануваат драматични.

Ние моментално работиме стихијно, секој по свое видување и дојдени сме до клиничка смрт на земјоделието. Храната ќе биде страшно скапа, ќе јадеме храна од сомнителен квалитет. Ќе имаме страшни проблеми“, – посочи Ѓорѓи Каракашев тутунар од Радовиш.

Додека се чека на реакција од страна на надлежните, Србија најави дека ја симнува забраната за извоз на пченица која беше воведена на 10-ти март.  За агро комората ова ќе исполни два сегменти, едниот е тоа што доколку биле испразнети стоковите резерви ќе може да се дополнат, и приватните правни лица ќе може да набават основни суровини.  Ваквата најава на краток рок може да ги смири стравувањата дека ќе останеме без храна, но сепак останува фактот дека Македонија е зависна од увоз на лебно зрно и во услови кога во светот не се случува војна. Преку мерките на земјоделството допрва  ќе биде објавен оглас кој предвидува целокупната земја која е на располагање да им се издаде на земјоделци кои ќе произведуваат пченица, за земјоделците оваа мерка е задоцнета и  требало одамна да се регулира.

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста