Среде пандемијата власта им зголемува плати на советниците

Фрапантни 75 илјади месечно, а просек од 55 илјади денари за 23-ца луѓе – ова е списокот на скапо платени советници на премиерот Заев. За време на епидемија и  во услови на длабока економска криза, кога дневно околу илјада луѓе остануваат без работа, и секој денар од буџетот е важен, премиерот не се откажува од скапо платените совети.

На врвот на листата е поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, човекот одговорен за бомбите, кој како советник за национална безбедност заработува цели 74.618 денари месечно. Ако се погледне списокот од 23-ца советници што го објави владата, се гледа дека месечниот просек за советување на Заев е 55.000 денари. Во него, од позвучните имиња е Љубе Бошковски кој со 55.268 денари останува во кабинетот како советник за странски инвестиции иако ваквите инвестиции годинава се мислена именка. Таму остануваат и Дане Талески во секторот за меѓународни односи, Тања Чачарова Илиевска за правда, Љупка Цветковска за администрација, Фидан Колев за транспорт и врски, Зоран Бојаровски за медиуми, Ѓорги Тасев за млади и спорт, Иванна Хаџиевска Кошевалиски за меѓународни односи, Леон Бакрачевски за промоција на евроатлантските интеграции.

Меѓу надворешните соработници, најплатена со 50.000 денари е Нина Фити-Неделковска, ќерка на професорот и академик Таки Фити, кој до пред некое време беше на чело на МАНУ.

Од надворешните советници на списокот се и Раде Јанковски за спречување на корупција во граничното работење, Магбуле Амети за здравство и Татјана Стојаноска Иванова за образование и наука.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој беше и доскорешен советник на Заев, вели дека за платите на неговите советници одлучувал премиерот. Рече имаат веројатно разединување во ставовите што е високо, а што е ниско.

  • Сметам дека висината на плати и бројот на советници во овој момент е нужен за функционирање на канцеларијата на премиерот, како и функционирањето на канцелариите на сите други министри, вклучително и мојот кабинет. Тоа би требало да го гледаме од аспект на тоа дали е рационално или ирационално направено. Бројот поистоветува на функциите кои сите до еден ги извршуваат и секако претседателот на Владата би требало да биде адекватно информиран во кој било момент. Ние покажавме дека грижата за граѓаните е на прво место и дека ќе обезбедиме средства и во овој тежок период ние обезбедуваме средства преку рационализација на други непродуктивни места, а секако местата на советниците не можам да кажам дека се непродуктивни и непотребни во овој момент, изјави Битиќи.

Тоа што боде очи во овој список е што владата се пофали дека списокот е скратен, но заборави да спомене дека месечните надоместоци за некои од советниците се покачени. Колку за потсетување, претходниот состав на советници броеше 56 луѓе, а сега тој е намален на 23.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста