Среде пандемија набавка на лекови од 30 милиони евра – Николоски обвинува за грабеж во здравството

30 милиони евра во време на економска криза ќе им даде Министерството за здравство на две веледрогерии блиски до власта, обелодени опозицијата. Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, Александар Николоски, за Алфа, објави документи склучени помеѓу министерот за здравство Венко Филипче и двете веледрогерии, едниот тежок 21 милион, а вториот 9 милиони евра. Двата договори биле склучени за време на летните одмори, кон крајот на Јули и почетокот на Август.

„Само овие два тендери се доволен доказ за грабежот кој му се случува на македонското здравство и тоа во услови на корона криза и во услови кога овие кои се болни самите си ги купуваат лековите, а граѓаните трошат илјадници евра по приватните болници, а оние кои немаат мораат да бидат хоспитализирани во модуларни болници кои се несоодветни и кои горат за две минути, затоа што фирмата на Кочо Анѓушев, поранешниот вицепремиер ги направила несоодветни“, појасни Николоски.

Николоски потсетува дека соседна Србија, за истите пари 30 милиони евра, изгради комплетен Клинички центар во Ниш, каде ќе се лекуваат милиони пациенти од јужниот дел на земјата.

Алфа праша во ресорното министерство за што ќе се потрошат 30-те милиони евра. Оттаму појаснуваат дека се работи за редовни набавки на лекови, за следните две години, за лица со малигни и автоимуни заболувања односно билошка моноклонална и таргет терапија. Од Здравство велат дека со групната набавка на лекови, дополнително се заштедуваат пари, а набавени биле за потребите на четири Клиники – Неврологија, Ендокринологија, Хематолија и Онколија.

„Клиниката за онкологија доби 32 различни типови лекови и тоа е за првпат во историјата на нашата држава, овие пациенти да добиваат најмодерна бесплатна терапија. Првпат вакви масовни набавки на лекови почнаа во 2019 година, со што се овозможи пациентите да користат најсовремената терапија за лекување. Министерството за здравство воведе најнов инсулин кој исто така се набави, а набавена е и билошка терапија и фактори на коагулација кои овозможуваат на болните од хемофилија најсовремено и најбезбедно да се лекуваат“, велат од Министерството за здравство.

Ова не е прв пат за време на министерувањето на Филипче, опозицијата да отвора сомнеж за сомнителни тендери и набавки за потребите на Јавните здравствени установи.

Последен беше оној за набавката на 200.000 вакцини од кинескиот производеител „Синофарм“, преку фирма посредник во Хонг Конг.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста