Средбата на МОН и родителите заврши без договор

Во понеделник ќе се знае дали родителите и учениците ќе излезат на масовни протести. Сега топката е префрлена кај МОН, откако денешната средба на родителите и претставници на ресорното министерство не вроди со плод.  Иницијативата „Учебници и настава мора да има“ по неколкудневен бојкот на наставата од страна на учениците, ги приложија нивните барања ама не лично до Царовска бидејќи таа денеска не ги удостои со присуство. Сега очекуваат повик за уште една средба, најдоцна до понеделник . Ако не се изнајде решение, незадоволството ќе го изразуваат на улица.

Имавме конструктивна средба со МОН, но претставниците не беа компетентни да ни одговорат на сите точки. Требаше да има и од БРО и СОНК. Одлучивме дека до идната недела ќе ги разгледаат нашите барања – да се стопира овој закон, да се отвори јавна дебата и ние да бидеме инволвирани во новите реформи, за кои е јасно дека се повеќе од потребни. Очекуваме повторно да не повикаат со комплетен тим од сите сектори и јасно и гласно да ни кажат дали ќе се прекине со овој закон. Даваме термин до почетокот на идната недела да одговорат, во спротивно одиме на протести и на граѓанска иницијатива за стопирање на предлог-законот“, рече Драгана Спасевска – од Иницијативата „Учебници и настава мора да има“.

Од иницијативата, разочарани што министерката Мила Царовска не се појавила на средбата. Обвинуваат дека е незаинтересирана да ги слушне аргументите на родителите, и на сила сака да ги истурка реформите.

Ресорното министерство пак соопшти дека како за сите останати реформски процеси, така и за Законот за учебници, консултирале и го слушале мислењето на сите засегнати страни.

Бојктотот на наставата за сега ќе биде во мирување, но доколку не се изнајде заедничко решение, родителите и учениците порадикално ќе се борат за надлежните да ги слушнат барањата. 

Инаку, во јавноста се појавија шпекулации дека позади иницијативата стојат политички структури. Спасевска остро ги отфрли овие обвинувања и напомена дека тие само го претставуваат гласот на родителите, без никаква политичка позадина.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста