Средба Зоран Заев- Биг Мајк: Премиерот на маса со Инстаграм кралот на марихуаната

Инстаграм кралот на марихуаната и еден од најголемите производители на канабис во светот, Биг Мајк, беше официјален гостин на премиерот Зоран Заев во Владата на Македонија. За разлика од речиси сите средби со странски делегации, за оваа Заев не се пофали на социјалните мрежи, но се пофали Биг Мајк, кој на Инстаграм напиша дека Македонија ќе се претвори во една од најголемите канабис суперсили во светот.

-Само што остварив средба со премиерот на Македонија, Зоран Заев, разговаравме многу за канабисот. Да ви кажам, оваа земја има огромен потенција и јас сум возбуден да бидам дел од претворањето на Македонија во една од првите канабис суперсили во Европа, пиша Биг Мајк на Инстаграм.

Инаку кој е Биг Мајк? Неговото целосно име е Мајкл Страумитис, а самиот тој се нарекува „Марихуана Дон“. Преку својата компанија за легално производство на марихуана, „Advanced Nutrients“, тој досега направи милиони долари. Покрај бизнисот, доколку се отвори Инстаграм профилот на Биг Мајк, може да се забележи дека тој канабисот ја промовира на секаков начин, а за таа цел често знае да искористи и убави девојки.

Во една од пораките тој презентирајќи ги придобивките од марихуаната, вели дека таа помага за подобро спиење.

Самопрогласениот „Марихуана Дон“ чија сопруга е преубавата Бугарка, Цеци Красимирова, како што може да се зебележи својот бизнис сака да го прошири и на меѓународно ниво, а една од дестинациите очигледно му е токму Македонија, каде најголем дел од компаниите кои произведуваат масло од канабис се во семејна или пријателска релација со Зоран Заев.

Според официјалните податоци, претставници на семејството Заев инкасирале 3,3 милиони евра од бизнисот со марихуана. Освен семејството на премиерот, во бизнисот со марихуана е влезен и Ване Андреев, адвокатот на Заев, кој е дел од сопствеништвото на „Канабис ОНЕ Доо Струмица“.

Инаку, ова не е прв пат Заев да остварува средби со ваков профил на лица, тој претходно се сретна и со Стефан Цернетич, лажниот принц на Македонија и Црна Гора. Тој во Владата беше пречекан со најголеми почести, а и го одликуваше Заев.

А во јавноста најгласно одекнаа разговорите на премиерот со лажните Петро Порошенко и Јенс Столтенберг. Заев мислејќи дека разговарал со претседателот на Украина и генералниот секретар на НАТО, во неколку наврати разговарал со руските комичари Владимир Кузнецов и Алексеј Столјаров, познати како Вован и Лексус.

Матеја Петровски