Средба Заев – Мицотакис во Атина – „збогум“ за Егејска и Античка Македонија?

Премиерот Зоран Заев, од денеска престојува во дводневна работна посета на Грција. Заев во Атина,  учествува на тркалезна маса со грчката влада, организирана од магазинот „економист“. Она што е поважно за нас, од конференцијата на која е поканет македонскиот премиер, е средбата што Заев ќе ја оствари со неговиот грчки колега – Кирјакос Мицотакис, на која, како што соопшти вчера  портпаролот на грчката влада – Стелиос Пецас, ќе се разговара за европската перспектива, билатералните односи, но и за Преспанскиот договор. Грчкиот премиер, во пресрет на разговорите со Заев, ја повтори неговата резервираност во однос на договорот, но посочи, дека тој, е сепак затворено прашање, со оглед на тоа, дека станува збор за меѓународно ратификуван договор, а Грција, како што изјави, ги почитува таквите договори.

Континуирано ја изразувавме нашата резервираност, но исто така имавме кажано дека Грција е земја на владеењето на правото и ги почитува меѓународните ратификувани договори. Ова прашање е затворено, но она што не е затворено е еден, според нас, проблематичен договор. И штом сме резервирани или постојат прашања за кои треба да се разговара, очигледно дека ќе разговараме со Заев или кој и да е премиер од Македонија вели грчкиот премиер.

Мицотакис најави, дека пред Заев ќе ги отвори и проблематичните точки од Преспанскиот договор.  Конкретно, за кое прашање станува збор, Мицотакис не наведе,  но симптоматично е , што грчките медиуми, пред закажаната средба на македонскиот и грчкиот премиер објавија дека македонската страна се откажала од правото на користење на термините „Античка“ и „Егејска“ Македонија. Ова пак, го демантираше претседателот на Македонската експертска комисија, Виктор Габер. Според него, се уште не биле утврдени заклучоци од средбите, и препораки до властите. Во македонската делегација во Атина, ќе бидат и вицепремиерите за економски и европски прашања, Фатмир Битиќи и Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој ќе има работна средба со неговиот грчки колега Никос Дендиас.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста