Средба Заев-Мицкоски за Законот за јавно обвинителство?

 

Заев е подготвен да разговара со Мицкоски за надминување на разликите за законот за јавно обвинителство. Лидерот на СДСМ ги повика сите политички партии да се однесуваат одговорно за законот кој е од суштинска важност за македонската европерспектива. Заев верува дека е можно да се донесе пред, но ја остава можноста за законот за јавно обвинителство да се гласа и по изборите. За обезбедување двотретинско мнозинство и текстот на законот разговарал со парламентарните партии вклучително и со независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ.

“Се работи за системско решение кое се носи со двотретинско мнозинство и треба сите да понесеме одговорност и да преземеме чекори за да го донесеме овој закон. Ако не пред изборите, ќе треба да го донесеме по изборите. Како и да одат состојбите на изборите, треба да го донесеме. Тоа е наша заедничка обврска бидејќи е двотретински закон. Тоа може да го направиме сега додека работи Парламентот за да им дадеме аргумент плус на еврокомесарот и на земјите членки на ЕУ и да може да осигураме одлуката на Европскиот совет конечно да биде позитивна, иако тоа не е услов, не е дел од извештајот за нашата земја, но ќе биде аргумент повеќе”, изјави Заев

Опозицијата и натаму со идентичен став. Ќе ги соопштат позициите откако ќе го разгледаат најновиот предлог од власта. Уште еднаш ги повторија нивните барања.

“Законот е пратен. Експертски тим на ВМРО-ДПМНЕ го анализира предлогот. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасно познат веќе речиси една година, а тоа не е измислување на било каква топла вода туку имплементирање на на се она што се позитивни примери од западноевропските демократии. Примена на основните човекови права слободи и права. Применување односно одење во насока на конвенциите за основните слободи и права на човекот”, изјави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев.

ВМРО-ДПМНЕ вчера од СДСМ го доби четвртиот предлог за законот за јавно обвинителство. Опозициската партија реагираше дека и со овој предлог се предвидува вдомување на соработниците на Катица Јанева во обвинителството на Вилма Русковска која сега била како замена за доскорешната специјална обвинителка.

За лидерот на СДСМ нема ништо спорно во тоа обвинителите од СЈО преку матичните обвинителства повторно да ги водат предметите за коии беа задолжени додека беа дел од специјалното јавно обвинителство.

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста