Средба Николоски-Жбогар: ВМРО-ДПМНЕ прави напори на составување на влада на принципиелни основи и европски вредности

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ г. Александар Николоски и секретарот за меѓународна политика на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски остварија средба со шефот на Делегацијата на Европската Унија, Самуел Жбогар.На средбата се разговарало за актуелната политичка состојба и процесите важни за државата.

Од ВМРО-ДПМНЕ било посочено дека партијата прави напори за составување на ново парламентарно мнозинство по одржаните избори, и таквиот процес се базира на принципиелна основа и програмските определби со кои ВМРО-ДПМНЕ настапи на последните избори. Дека за ВМРО-ДПМНЕ исто така е важно да се почитува правото и правната држава и да се направи коалиција темелна на определбите за интеграција на државата во Унијата, но и коалиција која ќе ги почитува законите и владеењето на правото.

Исто така од ВМРО-ДПМНЕ посочиле дека изборите поминале во недемократска атмосфера, со сериозни прекршувања,  организиран поткуп и прекршувања на изборните правила што и беше нотирано од мониторинг мисија на ОБСЕ. Таквиот отворен поткуп и брутално газење на волјата на граѓаните надополнета со функционери на власта кои се фатени во поткуп, а за тоа не одговараат поради спрегата со обвинителство, укажува дека државата не ги исполнува основните критериуми за демократско владеење и во потполност доаѓа до израз хибридниот режим потенциран од повеќе релевантни меѓународни институции.

Република Македонија мора да напредува на патот кон Европската Унија а за да се постигне тоа потребна е нова влада со легитимитет од граѓаните со агенда за суштински реформи кои ќе го подобрат живеењето на граѓаните и санкционирање на криминалот и корупцијата.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста