Средба Николоски – Пина: Загрижувачки високото ниво на корупција во Македонија е отсликано и во последниот Извештај на Транспаренси Интернешнл

Денеска остварив средба со амбасадорката на Португалија, Марија Виргина Пина која што е задолжена и за Република Македонија. Португалија претседава со ЕУ од први јануари оваа година во следните шест месеци. И е вонредно означена за Македонија. Затоа што треба да се направи напор во рамки на португалското претседателство, Македонија конечно да ги почне преговорите за членство со ЕУ, изјави денеска за медиумите, Александар Николоски претседателот на Националниот совет за евроинтеграции и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

– Со амбасадорката разменивме мислења околу актуелната политичка и економска ситуација во Македонија, и ја информирав за загрижувачки високото ниво на корупција во Македонија, кое што е отсликано и во последниот Извештај на Транспаренси Интернешнл, каде што Македонија се наоѓа најниско во својата историја на 111-тото место. Исто така ја информирав за застојот во реформите, како за здравствената и економска криза со која што се соочува Македонија, вели тој.

Николоски посочи дека ја информирал амбасадорката и за работата на Националниот Совет за евроинтеграции, каде што е тој претседател, како едно тело во кое што треба да се обединат сите клучни политички фактори во европските интеграции на Македонија.

– Она за што исто така ја информирав амбасадорката е немањето конкретна волја на власта да спроведе и да реализира реформи, како и затскривањето позади одредени потези на власта кои што само сугерираат за жал криминал и корупција. Тоа што би сакал да го нагласам е дека е мое задоволство што сум прв политичар од Македонија кој што има средба со амбасадорката откако Португалија претседава со ЕУ. Сметам дека ова е еден значаен чекор, дека е уште една можност ВМРО-ДПМНЕ и јас лично да ги покажеме нашите приоритети, и се надевам дека е поттик за власта да остварат подобри контакти со Португалија и со нивната амбасадорка. Затоа што сметам дека мора да се искористи португалското претседателство и да создаваме пријатели како држава кои што како пријатели ќе ни помагаат на овој европски пат, истакна тој.

Вели со амбасадорката размениле мислења и за регионалниот контекст, за условувањата кои што Македонија ги има од Бугарија.

-Нагласив дека не може и нема да има разговори за македонскиот национален идентитет, за засебноста на македонскиот јазик, македонскиот народ и македонската култура, тоа се основни столбови на македонската држава и за истите не може да има разговори. Се надевам да го продолжиме овој конструктивен дијалог со амбасадорката Марија Виргина Пина и се надевам дека за скоро време ќе го посети и Скопје, каде што ќе можеме да ги продолжиме овие разговори, додаде Николоски.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста