Средба на спикерот Гаши со делегацијата од Парламентот на Чешката Република

Средба на спикерот Гаши со делегацијата од Парламентот на Чешката Република

Претседателот на Собранието на Македонија, Африм Гаши, денеска оствари средба со Делегација на Комисијата за надворешни работи, Дом на пратеници од Парламентот на Чешката Република, предводена од пратеникот Радек Вондрачек, заменик претседател на Комисијата.

Процесот на евроинтеграција на Македонија беше во фокусот на разговорите на претседателот Гаши со чешките парламентарци, при што беше нагласена значајната поддршка на Чешка, како и на целата Вишеградска група, прво за членството на нашата земја во НАТО, како и постојаната логистика за полноправно членство во Европската Унија.

Претседателот Гаши изрази благодарност што Чешката Република, како членка на Европската Унија, принципиелно ги промовира политиките, во контекст на земјите од Западен Балкан. Тој, исто така, изрази очекување за понатамошно интензивирање на таа поддршка. Посебно во однос на Македонија, со оглед на актуелните предизвиците со кои се соочува нашата земја на евроинтегративниот пат, и покрај големиот капацитет за компромиси што го покажавме во изминатиот период.

Вондрачек истакна дека е добро позната чешката позиција за долгорочна поддршка на интеграциските процеси на нашата земја и на регионот во целина.

На средбата беше нагласено и дека Македонија и Чешката Република годинава одбележуваат 30 години од воспоставување на дипломатските односи, а низ годините пријателството и меѓусебната почит меѓу двете држави не само што се потврди, туку и се продлабочи.

Беа разменети мислења и за меѓупарламентарната соработка. Притоа беше посочено дека е мошне значајна комуникацијата меѓу работните тела и пратеничките групи за соработка, со оглед на тоа што нашата држава има цврста определба за интензивирање на реформскиот процес, што е значајно и за нашиот евроинтеграциски пат.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста