Србија ќе почне со имунизација за две недели, Македонија чека одобрување на вакцините на „Модерна“ и „Фајзер“

До Европската медицинска агенција,вчера, две вакцини за Ковид19 беа поднесени за т.н итна постапка за одобрување, и тоа онаа на „Фајзер“ и „БиоНтеК“ и вакцината на „Модерна“.Според најавите одобрувањето на овие две вакцини би требало да биде во текот на овој месец, со што веќе до крајот на оваа година на пазарот на Европа би имало одобрени и лиценцирани вакцини за Ковид 19- вели за Алфа, претседателката на комисијата за имунизација Александра Грозданова. Обично ова одобрување од страна на Агенцијата трае по 270 дена, но поради лошата слика со пандемијата, се одобрува по итна постапка која трае 14 дена.

Дополнително овие две вакцини се во постапка за одобрување и во агенцијата за храна и безбедност  на САД, вели Грозданова, каде исто така се очекува во следните недели да бидат одобрени.

Во меѓувреме, одобрена е првата вакцина против корона вирус во светот. Велија Британија стана првата земја која ја дозволи употреба на вакцината на „Фајзер“.Би-Би-Си пренесува дека вакцинацијата може да почне за неколку дена.

Британскиот регулатор објави дека вакцината, која според последните истражувања има 95% ефикасност за заштита од коронавирусот , е сигурна за дистрибуција.

Обединетото Кралство има нарачка од 40 милиони дози, а со оглед дека секој мора да прими две дози, тоа ќе биде доволно за 20 милиони жители, а дополнително  ќе бидат достапни уште 10 милиони дози.

Доколку САД дозволи итна употреба, „Модерна“ е подготвена до крајот на годината да произведе 20 милиони дози.

Кај земјите од регионот, во Србија се очекува почетокот на имунизацијата да започне за 14 дена со оглед на тоа дека до крајот на неделата  ќе пристигнат  20 дози од руската вакцина „Спутник 5“, кои ќе бидат подложени на испитување. Доколку се е во ред со руската вакцина, две недели подоцна,  во Србија би пристигнале 10 илјади дози. Србија, како што е најавено,  прво ќе ги вакцинира лекарите, полицајците и војниците, а вакцината нема да биде  задолжителна.. И во Македонија, според претседателката на комисијата за имунизација, Александра Грозданова,  вакцината ќе ја прими само оној кој што ќе сака, а трошоците, во целост ќе ги покрие државата.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста