Србија, БиХ и Црна Гора ни ги затворија границите – без PCR тест само во Косово и Албанија

Километарски колони од возила на граничниот премин „Блаце“ по укинувањето на ПЦР тестот. Алфа на лице место.

Граничните премини со Косово и Албанија се единствените каде Македонците можат да поминат без ПЦР тест. Од најавата дека Македонците ќе можат слободно да патуваат во земјите од Западен Балкан, нема да има ништо.

Можноста за влез на македонски државјани во Косово без ПЦР тест останува, но надлежните со апел до граѓаните да не патуваат надвор од земјата ако немаат неодложна потреба за тоа.

Граѓаните велат дека едвај чекале да се отворат границите за да се видат со роднини и пријатели.

  • Немаше никаков застој и се беше во ред. Конечно одиме без ПЦР тест кај фамилија во Косово. Барем сега нема гужва многу, иако се прават километарски колони. Одам да си ги видам роднините, конечно да излеземе, од Куманово сум, од Липково, велат граѓаните.

Но имаше и такви граѓани на кои не им беше до муабет.

Командирот на граничниот премин Блаце, Бесим Асани, за Алфа вели, можно е да биде уште поголема бројката периодов.

  • Забележан е голем наплив, уште од полноќ. Некои граѓани со нетрпение го чекаа отворањето на границите и дошле порано уште од 23 часот да го дочекаат нивното отворање. Ние од 00:00 часот до 11:00 регистриравме 3.710 патници, од нив 1.590 влегле од Косово во Македонија, а од Македонија кон Косово излегле 2.120 патници. Бројката очекувам да расте и денеска, но и наредните денови, истакна за Алфа Бесим Асани, командир на граничниот премин „Блаце“.

И пред да почне да се применува, пропадна владината одлука за слободно патување на македонските државјани, во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, без негативен ПЦР тест. Се правдаат со влошувањето на состојбата со Ковид-19 во регионот.

  • Владата на Македонија ги известува граѓаните дека согласно влошувањето на состојбата со КОВИД-19 во регионот и големиот број на нови позитивни случаи, влезот на македонски граѓани во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина нема да биде дозволен без негативен ПЦР тест, кој не е постар од 48 часа од моментот на влез во овие земји, се наведува во владиното соопштение.

Во владиното соопштение не е појаснето – дали во последен момент, владите на овие три држави, го откажале гостопримството за македонските државјани, поради лошата епидемиолошка слика во Македонија.

Во меѓу време, здравствените власти најавуваат ревидирање на одлуката и можноста за враќање на ПВР тестот за граѓани од Босна, Србија и Црна Гора.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста