Според најновите анкети ВМРО-ДПМНЕ е во водство пред СДСМ

ВМРО-ДПМНЕ со 3 проценти предност пред владејачката, СДСМ покажува последната анкета објавена на официјалната фејсбук страница на европскиот институт “Europe Elects” а спроведена од Маркет вижн.

Најголема поддршка од граѓаните според анкетата добила ВМРО-ДПМНЕ за која би гласале 33% од анкетираните. За социјал – демократите би гласале 30%, додека пак за партијата на Ахмети ДУИ, се изјасниле 14 %.

Алијансата на Албанците во анкетата е со помал процент на доверба од ДУИ. За партијата на Села би гласале 8 отсто од испитаниците. За Левица би гласале 5%, за ЛДП 4, Алтернатива 2 проценти, 2 отсто би гласале и за Интегра, а за БЕСА 1.

Ако се земе предвид дека СДСМ е во коалиција со БЕСА и да се соберат нивните бројки, сепак ВМРО-ДПМНЕ има предност и поголема доверба кај електоратот.

ДУИ пак води со четири отсто пред останатите албански партии. Доколку се соберат резултатите од анкетата каде Алијанса има 8 проценти, а Алтернатива 2, оти паријата на Гаши и Села се во коалиција, тие заедно имаа доверба од 10%, а интегративиците 14.

Анкетата е спроведена 13 до 16 јуни на примерок на 1200 испитаници.

Маркет вижн спровела и анкета за потребите на МКД.МК во речиси истиот период како и за европскиот институт Europe Elects. На оваа анкета бројките се малку поинакви, но сепак ВМРО-ДПМНЕ повторно ужива најголема доверба кај испитаниците.

На избори би излегле да гласаат 44 проценти, од кои ВМРО-ДПМНЕ (15,2%) е во предност пред СДСМ (14,1%) за 1,1 отсто. Следува ДУИ со 6,4 отсто доверба кај гласачите, па Алијанса за Албанците (3,6%), Левица (2,3%), ЛДП (1,9%)…

Ако се гледа според националната припадност на гласачите, тогаш за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 14,4 отсто од Македонците, а за СДСМ 11,8 отсто. За ВМРО-ДПМНЕ не би гласал ниту еден гласач од албанското гласачко тело, а за СДСМ би гласале 0,6%. ДУИ е убедливо најпопуларната партија меѓу Албанците – 6,4 %, а 3,4% од Албанците би гласале за Алијанса.

Анкетирањето било спроведено од 13 до 18 јуни 2020 година со употреба на CATI метод ‐ телефонско анкетирање со помош на компјутер, на примерок од 1.200 испитаници.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста