Специјалците влетаа во Вевчани, но за скијањето во Ниже – Поле биле презафатени, за Спасовски тоа било спонтан настан

Има ли полицијата двојни стандарди во спроведувањето на корона мерките? Додека МВР секојдневно се фали како растуриле домашна забава со по 6-7 луѓе, казниле некого за не-носење на маска или покажуваше сила на Вевчанскиот карневал, вчера остана слепа и не реагираше на големиот собир при отварањето ски сезоната на Ниже-Поле, кафе беа собрани над илјада луѓе без почитување на мерки и слично. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се правда. Вели не требало да очекуваме МВР да бидат единствени кои ќе влијаат на почитувањето на мерките – вината ја најде во граѓаните.

Немојте да очекувате дека МВР ќе биде единствено кое што ќе влијае на ваквите настани. Најважно е како ќе се однесуваме како граѓани – вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Бесплатното скијање на Ниже поле предизвика голема посетеност, но и лавина реакции во јавноста поради непочитувањето на мерките за заштита. Од снимките може да се забележи дека луѓето не држат социјална дистанца, а дел од нив не носат ниту заштитни маски. Сепак, ова не беше причина полицијата да настапи исто како што настапи и на карневалот во Вевчани. Министерот Спасовски дури направи и споредба. Карневалот во Вевчани бил организиран, а скијањето спонтан настан.

„Секаде се укажува и секаде се постапува. Дали е тоа на организирани настани, или спонтани собири. Ова е спонтан собир, ние имавме акција и на Попова Шапка, имавме полициски службеници кои работат и на другите центри“ – вели Спасовски.

Во меѓувреме, полицијата приведува но домашните забави продолжуваат. Само синоќа 13 лица од две различни локации, завршиле во полициска станица, поради непочитување на мерките. Но и понатаму продолжува праксата на двојни аршини на надлежните, каде некои завршуваат во станица а други неказнети.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста