Спасовски комуницирал со Боки 13, но тврди само службено

Првиот полицаец Оливер Спасовски комуницирал со Бојан Јовановски, но само 2-3 пати и тоа службено, изјави денеска министерот за внатрешни работи запрашан околу сведочењето на сопругата на Орце Камчев, Ана Камчева. Која пак пред судот посочи дека Спасовски е едно од лицата со кои Бојан Јовановски разговарал во нејзино присуство.

-Јас воопшто не знам што кажала, јас слушнав тоа што го пренесоа медиумите, ама за мене тоа е не важно. Службени контакти 2 или 3 кои што биле пред се се однесуваа за одредени пријави што ги имаше и тој и новинарите од телевизијата за упад во електронскиот систем во телевизијата и за тоа беа остварени средби со директорот на БЈБ, изјави денеска Спасовски.

Токму министерот за внатрешни работи, Ана Камчева пред судот го посочи како еден од оние поради кои немала доверба во институциите.

-На првата средба со Горан Николовски, директор на УБК му кажав дека сум жртва на Рекет му кажав од околу за кои личности станува збор и побарав совет од него кого да информирам. Тој ми кажа дека секако треба да се бориме против криминалот, но ме праша зошто немам доверба во институциите. На ова јас му одговорив дека во мое присуство Бојан Јовановски има разговарано со многу судии, обвинители, многу политичари со луѓе од власта, министерот за внатрешни работи, кажа Камчева пред судот.

Ана Камчева како сведок пред судот кажа дека на Боки 13 во неговиот стан во Орман му дала 350.000 евра спакувани во несесер. Во „Рекет“, Бојан Јовановски е обвинет за кривичните дела Перење пари и за Примање награда за противзаконито влијание, а второобвинетата Катица Јанева за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувањата. Зоран Милески-Кичеец, исто така, беше обвинет за Примање награда за противзаконито влијание, но тој го призна делото и беше осуден на три години затвор во издвоена постапка.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста