Спасовски и Обвинителството да се фатат за работа- идејата за Илирида противуставна

Министерот Оливер Спасовски и Обвинителството да се фатат за работа, по повторното будење на идејата за Република Илирида внатре во Македонија. Повикот на истоименото движење кое сака да направи политичка партија со барање за федерализација на државава е противуставно, смета универзитетската професорка по уставно право Тања Каракамишева. Таа за Алфа вели дека во Уставот не се предвидени никакви автономни области, не е предвидена никаква друга форма на територијална и политичка организираност на државата, освен локалната самоуправа.

-Уставот во член 20, став 3 е повеќе од јасен и вели дека сите програми и дејствувања на политички партии, не можат да бидат насочени кон рушење на уставниот поредок. Значи кон нешто што е спротивно на уставниот поредок на републиката, а уште помалку кон разгорување на национална или друга омраза или нетрпеливост. Секое барање кое што е спротивно на Уставот мора да биде соодветно санкционирано, вели Каракамишева за Алфа.

Премиерот Зоран Заев кој во минатото во обид да стигне до гласовите на Албанците во Македонија, најави дека е потребно да се оди и преку Охридскиот рамковен договор. Сега вели дека ваквиот проект за „Илирида“, како и сите нон пејпери кои се појавија последниов период биле порака кон Европа која затајувала во регионов.

-Тоа е сигнал и за Бугарија и за Брисел дека треба поинтензивно да го продолжат процесот на интеграција на регионот во ЕУ. Тоа е исполнување на долгот кон Западен Балкан, а кон С. Македонија тој долг е поголем десет пати. С. Македонија е пример за земја која со својот концепт „Едно општество за сите“ ги обедини сите различни етнички заедници, вели Заев.

Претседателот на движењето „Република Илирида“, Неџат Беџети вели дека Албанците во земјава се наоѓаат во мизерна состојба и според него тоа може да се надмине само со воспоставување на Република Илирида како втор столб во државата.

-Во изборната кампања, ќе го промовираме барањето за федерализација на државата и доколку ги освоиме гласовите на граѓаните, автоматски ќе го формираме Парламентот на Илирида, кој ќе функционира како Втора Република во рамките на Македонија, вели Беџети.

Идејата за Република Илирида не е нова. Такво имаа Албанците за време на референдумот во 1992 година, а истиот повик стигна и пред седум години на прес конференција пред споменикот Скендер Бег во Скопје. Тогаш беше објавена декларација со барање до Собранието за конфедерација на Македонија.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста