Спасовски: Директорот на БЈБ што поскоро да помогне во решавање на спорот околу решенијата во МВР
Техничкиот премиер Оливер Спасовски денеска побара новоименуваниот директорот на Бирото за јавна безбедност да биде медијатор помеѓу техничкиот министер Наќе Чулев и заменската министерка Славјанка Петровска. Тој застана во одбрана на своите кадри.
„За нас е многу поважно да функционираат институциите, да се одржи безбедноста и токму поради тоа сметам дека задачата која што ја добил директорот на Бирото за јавна безбедност да ги согледа сите тие состојби и со една наредба која што беше испратена дека се укинуваат сите наредби се покажа дека тоа не е најисправниот модел и очекувам дека денеска ќе го затворат во МВР“, вели Спасовски.
Три години по првата техничка влада, партијата на Спасовски секојдневно торпедира со соопштенија за наводни опструкции од страна на техничките министри и заменици предложени од опозицијата, а СДСМ како дел од техничката влада која ја предводеше Емил Димитриев го правеше истото. Дали е ова лицемерно, Спасовски без конкретен одговор.
„Таму каде што има проблеми, мојот апел и како технички премиер и преку разговорите со министрите, дополнителните заменици министри, е да го решат тоа преку дијалог. Ако седнат и ако разговараат ќе дојдат до дијалог. Јас ги разбирам и едните и другите, и оние коишто се дел од Владата овие две ипол години и оние коишто доаѓаат сега со нови мотиви дека треба да се докажат пред политичките елити. Сите тие заедно треба да знаат дека треба да влечат потези во интерес на граѓаните и во интерес на државата“, вели Спасовски.
Спасовски вели дека техничката влада мора да организира избори што и доликуваат на една европска демократија.
Биљана Божиновска