Советот на честа при ЗНМ му сврте грб на Богдан Илиевски, но му „соли памет“ како требало да се однесува
Објавата „Добро, зошто?“ на Богдан Илиевски не била новинарски текст, па Советот на честа при ЗНМ, не можел да реагира на нападите од ССНМ и ЗНМ кон новинарот на Алфа телевизија, поради објавени два збора и два интерпункциски знаци на социјалните мрежи. Советот на честа преку соопштение ја отфрли претставката на Илиевски, поради ненадлежност да одлучувал во спорови од ваков облик.
-Советот на честа е надлежен да одлучува за примена/повреда на Кодексот на новинарите во соодветен новинарски текст, а не да се вмешува и да уредува односи помеѓу правни и физички лица кои произлегле од јавно објавена содржина и за тоа има надлежни државни органи, кои ќе одлучат во кривична или во граѓанска постапка дали има елементи на кривично дело во поттикнување и не модерирање на коментарите од самиот автор на социјалната мрежа или граѓанска одговорност за клевета и навреда, се вели од Советот на честа.
Илиевски покрај во Советот на честа, пријавил и во Советот за етика и Комисијата за дискриминација. Вели мора да се добие одговор како тој ширел или поттикнал говор на омраза со една најобична и ненавредлива објава на социјалните мрежи.
-Добро зошто да биде не само поттикнување, туку сега имаме и еден нов момент, тие велат дека дури и тоа можеби го тангирало делот од Кодексот на новинарите за ненапаѓање меѓу колегите. Односно сега пак им благодарам на признанието, јас сум сега и колега на госпоѓата Лепа Џундева, која што е некаков не по своја волја предмет, тема, причина за сета ова препирка, изјави Илиевски.
Иако се прогласуваат за ненадлежни да одлучуваат за овој случај, од Советот на честа сепак испраќаат порака до Илиевски, дека морал да внимава што објавува на социјалните мрежи дека морал да ги модерира коментарите на социјалните мрежи.
-Јавните личности, кога настапуваат во јавност, независно дали тоа се традиционалните медиуми или социјалните мрежи, немаат ист третман со некој кој има приватен профил наменет за потесен круг на граѓани и затоа треба да се свесни за јавно искажаниот збор и последиците кои можат да настанат, независно дали таква била намерата или не, велат од Советот на честа.
Илиевски вели дека ваквата порака од Советот на честа е апсурдна и трагикомична, бидејќи ниту еден човек не може во секоја можна минута да види кој што коментирал на некаква објава на социјалните мрежи.
-Кое е мерилото, кога е правовремено, дали јас можеби не треба да спијам ноќе, за ако некој во два сабајле пише коментар, да си навијам аларм на секој половина час и да проверам некој да не опцул некого на Фејсбук на мој пост. Треба во разумно време се разбира, тоа е културно, но не можеш со закон ти тоа да го смислиш бидејќи не постои начин, какво мерило ние ќе направиме колку брзо треба да се реагира на пишани коментари. Јас имено покажав деновиве на мојот Фејсбук, парадоксални ситуации кај што на прилози на истата новинарка, луѓе пишуваат коментари кои што се со сериозно навредлива содржина кон други луѓе, изјави Илиевски.
Инаку ЗНМ и ССНМ преку две соопштенија го обивинија Илиевски дека ширел и поттикнал говор на омраза со само два збора и два интерпункциски знаци, без никаква навредлива содржина, за подоцна првиот човек на ЗНМ Младен Чадиковски, пред камерата на Алфа да испрати друга порака, дека не мислеле на Илиевски, туку на оние кои коментирале на оваа објава.
Матеја Петровски