Советникот на Премиерот кој „има врски кај Макрон“ не живее во Франција, прима плата во Србија?

Советникот задолжен за односите со Франција и кој има специјални контакти со претседателот Макрон, воопшто не живее во Париз, а платата во износ од 1200 евра за своите услуги кон државата ја прима во соседна Србија, затоа што поради долгови кон доверители воопшто нема сметка во Македонија. Пратеникот Антонијо Милошоски на својот Фејсбук профил објави писмо од вработени во Владата, а упатено кон Антикорупциската комисија, во кое се изнесуваат скандалозни тврдења во врска со советникот Љупчо Зафировски со дополнување дека Советникот со примањето на плата надвор од Македонија веројатно го избегнува и плаќањето на данок во земјава, а ангажирањето на вакви советници е срам за Македонија и навреда за Франција. Милошоски и од собраниската говорница му постави прашање на премиерот зошто и по неколку недели не можел да добие конкретен одговор од Владата во врска со авторскиот договор на Зафировски, како и за неговата професионална биографија.

– Почитуван Премиер, рековте дека вашиот советник живее во Франција, ама сепак неговото постојано живеалиште е регистрирано во Скопје, дали сакате да избегнете плаќање данок па овој советник платата ја прима во Србија? – праша Милошоски.

На ова Заев одговори дека според законот има дискреционо право да ги одбира советниците, дека нивните биографии се јавно достапни и дека Зафировски навистина е често во Франција каде има средби со дипломатскиот кор таму и со претседателот Емануел Макрон.

Љупчо Зафировски e соработник за „Олеснување на процесот на пристапување на РСМ кон ЕУ, помагање во остварување на стратешките приоритети и определби на Владата во однос на евро атлантските интеграции“. Досега нема никакви информации околу неговата дејност поврзана со овие стратешки определби а Мишоски тврди и дека Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, ниту еднаш не се сретнал со него. Инаку Советниците на премиерот Зоран Заев и министрите се најдоа и во препораките на Групата на земји за борба против корупцијата ГРЕКО која минатата година ја скенираше состојбата во Македонија. Оваа организација нема проблем со бројот на советниците на премиерот и нивните професионални критериуми, но, симптоматично, бараат да се утврди дали луѓето на премиерот и министрите имаат некаков конфликт на интереси. ГРЕКО бара на веб-страницата на Владата јавно да се објават советниците на сите министри и да се напише што точно работат тие, за јавноста да знае секој советник што работи, односно што го советува министерот или премиерот.

Драган Милосављевиќ