Совет за етика: Медиумите да ги приспособат програмските шеми и да известуваат одговорно за трагедијата

„По сообраќајната несреќа што рано изутрината се случи во Бугарија, Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) апелира до медиумите да известуваат со целосна одговорност, врз основа на проверени информации и релевантни извори, без шпекулации околу причините за несреќата“ – апелираат од Советот за етика.

„Препознавајќи го притисокот со којшто се соочуваат уредниците, новинарите и медиумските работници кога известуваат за вакви трагични настани, укажуваме на потребата да прават разлика меѓу тврдењата и фактите и да покажат особено голема внимателност со оглед на тоа што во трагедијата има настрадани малолетни лица.  

Во исто време, потсетуваме на членот 8 од Кодексот на новинарите, според кој начинот на информирање за несреќи треба да биде ослободен од сензационализми. Притоа медиумите треба да внимаваат да не објавуваат имиња и фотографии на жртвите, ниту, пак, податоци од кои индиректно би можел да се открие идентитетот на жртвите, пред тоа официјално да го соопштат надлежните институции.  

Имајќи ја предвид тежината и последицата на несреќата, апелираме до сите медиуми соодветно да ги усогласат своите програмски шеми и да известуваат со висок степен на професионална и морална одговорност“ – информираат од Совет за етика.