Состојбата во прилепската болница станува драматична, пациентите во паника

Ја губи ли македонскиот здравствен систем битката со Ковод 19 ?!  Во болниците нема доволно кислород, со денови се чека за тестирање, а матичните лекари и понатаму „лекуваат“ по телефон. Оставени сами на себе, граѓаните преку трогателни реакции и лични искуства, спасот го бараат на социјалните мрежи.

     „Во прилепската Болница, пациентите молат за кислород, бидејќи се оставени на милост и немилост и го чекаат тракторот да донесе кислород. ШЕСТ часа без кислород, а некои од пациентите не можат да издржат ни еден час. После, зошто толкава смртност, кој ќе сноси одговорност за ова лудило што се случува во здравството ?!“

   Иприлепчанецот Благојче Петрески, кој инаку живее и работи во Словачка, е еден од оние кој деновиве имал лошо искуство при обидот за тестирање на неговиот вујко.

    „Вие пет/шест дена не знаете каде да се обратите за тестирање, не знаете дали сте позитивен или сте негативен. Не знаете дали треба да се самоизолирате или не. Матичните немаат на која основа да ви дадат ниту документ за самоизолација. Многу од овие фамилии кои не се тестирани, нивните роднини и пријатели одат на работа, се движат меѓу луѓе. Замислете која катастрофа е тоа. Тоа е таа катастрофа која што во Македонија се случува, а посебно во Прилеп“, – вели Благојче Петрески.

   И додека очајните граѓани не знаат кој крај да го фатат, здравствените власти, и понатаму тврдат дека ситуацијата била под контрола, па дури и апелираат – непотребно да не се правеле гужви и притисоци во Болниците.

    „Нема да биде секој позитивен хоспитализиран, туку само по строга индикација. Нема потреба секој пациент да дојде и да чека онаму и гужва да прави пред Инфективно одделение. Само ќе дојде ако матичниот лекар го прегледа и процени дека треба да дојде на Инфективно, според нашите протоколи…Значи сите притискаат, сите сакаат да бидат прегледани и со тоа се прават гужви, непотребно. Доколку се добри, иако се позитивни, не значи дека треба да појдат на инфектолог. Тоа се случува секаде во светот, мора и кај нас така да биди“, – објаснува д-р МИРЈАНА КРСТЕСКА – началник на Инфективното одделение.

   „Значи, тестирања има. Паниката во населението е создадена и тие сите мислат дека ако се тестираат и ако дојде, ете завршил работа. Не е битно тестирањето. Да не ни се праќаат пациенти кои по телефон се јавиле, „молим те – внук ми е болен, дај да дојдам да се тестирам“. Да се тестира ако пројави симптоми, а ако нема симптоми нека си седат две недели дома  и нека не излегуваат надвор. Да не ни се оптоварува здравствениот пероснал со непотребни прегледи и непотребни тестирања“, – сугерира директорот на Болницата д-р ДРАГАН БОГОЕСКИ.

    Инаку, во прилепското Инфективно нема централен довод за кислород, има сериозен недостиг од медицински кадар и секојдневно се бара и кревет повеќе.  А Прилеп со денови е на врвот од црната листа со десетиците новозаразени и  починати од Ковид 19. 

 Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста