Состојбата со пожарите е подобрена, но нема простор за опуштање
Македонија се уште не може да здивне од пожарите кои ја зафатија земјава. И покрај временските прилики и дождовите кои што зафатија дел од земјата, сепак од ЦУК велат дека опасноста се уште демне.
Најсериозна е ситуацијата во Прилпскиот регион и Мариово, додека под контрола се ставени пожарите кај Катланово. Од ЦУК велат дека будно ја следат состојбата и дека активно се на терен 24 часа.
„Во овој момент имаме два активни пожари и двата се на територијата на Прилеп. Првиот е кај село Вепрчани каде што од 10 часот почна да дејствува еден ер трактор поради сериозноста на пожарот. Не смееме да му дозволиме повторно да побегне од контрола. Исто така имаме уште еден пожар кај село Волково, прилепско, каде што местото е попристапно и верувам дека со интервенција од земја ќе биде изгаснат. Останатите пожари во мариовско ги имаме под контрола. На истите се движат екипи на Национални шуми, кои што внимаваат да не дојде до повторно будење на пожарот. Доколку некаде се забележат нови жаришта итно се реагира за повторно да не дојде до ширење на овој голем пожар, кој што беснееше во мариовско, повеќе денови. Исто така имаме уште неколку пожари кои што се под контрола. Тоа е еден од нив и пожарот во Катланово, над Катланово, кој што постои опасност повторно во топлите часови во текот на денот да се пробуди“, изјави директорот на ЦУК Стојанче Ангелов.
Ангелов вели дека дождовите им помогнале на пожарникарите, но дека поради се уште топлото време вегетацијата бргу се суши и постои многу голема веројатност пожарите повторно да избијат.
„Дождот помогна на противпожарните екипи, но сепак внимаваме бидејќи поради топлите температури, вегитацијата многу бргу се суши и повторно е погодна за нови пожари. Се надевам дека и денес во текот на попладневните часови како што впрочем предвидува прогнозата на УХМР барем на некои делови од државата ќе паднат нови дождови со што ќе се зголеми влажноста на вегетацијата и ќе ни се олесни работата во гаснењето на пожарите“, изјави Ангелов.
Инаку во текот на летото во Македонија се случија вкупно 1952 пожари. Најголем број од нив – во август, а најкритично беше во неготинскиот и свети николскиот регион.
Уништените шуми нема да се заменат преку ноќ. Потребни се децении за планините да бидат онакви какви што беа пред пожарите.
Од есен се заканува нова опасност. Дрвокрадците не спијат ниту дење, ниту ноќе, и ќе се обидат да го извлечат највредното од шумите и да го продадат пред почетокот на зимата.
Повеќето домаќинства се загреваат се уште на дрва и пелети, и тоа ќе биде дополнителен поттик за дрвокрадците и препродавачите за дебела заработка и оваа зима. Изминатата недела во неколку акции беа запленети камиони полни со огревни нежигосани дрва.
Полицијата фати дрвокрадци како сечат шума на планината Серта каде со деновие беснееја најголемите пожари. Со помош на полициските дронови беа уапсени двајца мажи од штипското селото Селце на возраст од 19 и 43 години.
Од Национални шуми велат дека станува збор за добро разработена шема која функционира со години наназад. Штетата која им се нанесува на шумите е огромна. Ако пожарите летово „проголтаа“ околу 1,5 милијарди денари, последиците од кражбите на шумскиот фонд се далеку поголеми.
Извештајот на „Глобал форест воч“, објавен пред неколку години покажа дека над 35.000 хектари шума се загубени во Македонија во последните 17 години, поради бесправна и прекумерна планинска сеча на дрва. Проценките се дека шумската мафија заработува и до 25 милиони евра годишно од нелегалното сечење дрва.
Љубиша Владимиров