Состојбата со пандемијата во Прилеп – ескалира, се бара тричасовно продолжување на веќе постоечкиот полициски час

      Излегува ли од контрола состојбата со пандемијата во градот под Марковите Кули ?! Секојдневните показатели на новозаразени, хоспитализирани и починати, го вклучија црвениот аларм. „Британскиот сој“ е со 100 проценти доминантен, над 60 проценти од тестираните се позитивни, а над 90 проценти од хоспитализираните се со потешка клиничка слика и се на кислородна поддршка. За жал, и бројот на починати секојдневно е висок. Општинскиот Кризен штаб кој конечно се состана по четиримесечна пауза, бара воведување на порестриктивни мерки, помеѓу кои и локално продолжување за три часа на веќе постечкиот полицискиот час.

  „Ситуацијата во градот е повеќе од алармантна и крајно сериозна… Полицискиот час, којшто сега започнува во 22 часот и трае до 5 часот наутро, да започнува од 19 часот и да трае до 5 часот наутро. Ваквата мерка да трае во наредните две до три недели затоа што во тој период се очекува овој т.н трет бран на пандемија да го достигне својот пик...“ – рече градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски.

    Напоредно со загрижувачката ескалација на тековната состојба, и понатаму останува енигмата за застрашувачката смртност кај прилепчани, а за што надлежните и понатаму немаат прецизен одговор на што се должи тоа, иако само денеска има дури петмина починати.

      Инаку, во моментов, во прилепската Болница хоспотализирани се 89 лица, од кои 77 се на кислородна поддршка, во дневната болница се лекуваат 92 пациенти, а на Инфективното одделение за преглед се јавиле 105 пациенти.

  „Од почетокот на пандемијата, вкупниот број на регистрирани позитивни случаи на Ковид, изнесува 6.122, а бројот на починати од почетокот на пандемијата е 284“, – изјави директорката на ЦЈЗ, Драгица Николоска.

     Според директорката на Болницата пак, Кети Смилеска, заради енормно зголемениот наплив на пациенти, покрај веќе четирите реотворени Ковид-оддели, ќе биде отворен и Одделот на Очното одделение, а интензивно се работело и на доопремувањето на Модуларната болница. Во моментов, слободни кревети има за уште 28 пациенти.

    Колку за споредба, во однос на починатите, од последниот состанок на ОКШ кој се одржа во ноември, бројот на починати досега е зголемен за над 100 проценти, односно тогаш за осум месеци имало вкупно 125 починати, а сега за само четири месеци тој број се искачил на 284.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста