Соседството и Европа се мобилизира пред престојните празници
Македонците ако сакаат да ги прослават новогодинишните празници во соседството ќе треба да направат ПЦР-тестирање или да одат во карантин. Грција воведува тридневен карантин за сите патници кои ќе пристигнат во земјата со авион вклучувајќи ги и патниците кои доаѓаат од земјите членки на ЕУ. Оваа мерка ќе стапи на од 18 декември и ќе трае до 7 јануари. Задолжителен ПЦР тест на границите или карантин, ќе воведе и соседна Србија.
-Негативен ПЦР тест не постар од 48 часа, а оние кои го немаат, ќе мораат во карантин 10 дена, тоа е минимумот и мора да се почитува. Имаше многу методи, но најбезбедно е да се примени она што веќе се применува во Европа.Сигурно, ќе има зелени листи, кои ќе вклучуваат некои земји како што е Финска, која е најдобра, Естонија, изјави Тодоровиќ за РТС.
Доколку состојбата со пандемијата не попушти, српскиот кризен штаб ќе мора да размисли за воведување на вонредна состојба и полициски час, за да ја постигне целта и подобро да влезе во претстојните празници.
Бугарија се уште се нема изјаснето во врска со ова прашање. Бугарските здравствени власти ќе инсистираат да не дојде до олеснување на рестриктивните мерки пред новогодишните празници.
„Прерано е да се олеснат мерките од 21 декември. Како лекар и министер, верувам дека не смеат да се дозволуваат ноќни собири и пијанства во рестораните. Би било прерано“, рече бугарскиот министер за здравство Ангелов.
Во Хрватска, средните училишта и повисоките одделенија во основните училишта од денеска ќе ја следат наставата преку интернет.
Кај европските земји, ударот на пандемијата ги загрижи германските власти па се одлучија за целосна блокода од среда. Сите продавници во земјата ќе бидат затворени, освен продавниците за неопходните производи и аптеките. Фризерски салони и други дејности кои наложуваат услуги со близок контакт ќе бидат затворени.
Училиштата и градинките, исто така, се затвораат, а наставата ќе се одржува преку интернет. Мерките ќе бидат привремено олеснети од 24 до 26 декември за време на Божиќните празници. Во овој период ќе биде дозволено едно домаќинство да се состане со дополнителни четири лица од потесното семејство.
И Литванија ќе затвори голем број од продавниците од среда со цел да се запре ширењето на епидемијата на коронавирус. Делумен карантин со затворени барови и ресторани трае во таа земја веќе пет недели.
Викторија Миткова