Сопствениците на ноќните клубови револтирани, најавуваат дека наредниот викенд ќе почнат со работа

Олабавувањето на дел од мерките за едни угостители, предизвикува револт кај други кои цела пандемија имаат клуч на врата. Викендот пред вториот круг од локалните избори, ќе се отворат над 20 ноќни клубови во знак на револт кон власта, која, според сопствениците на овие објекти, прави целосна дискриминација. Од Здружението на ноќни клубови велат дека надлежните не сакаат ниту да чујат да дискутираат за нивниот опстанок.

Ноќните клубови буквално се заборавени од страна на власта и не ги интересира никаква комуникација со нас, ние како единствена опција за да преживееме и опстанеме ја најдовме оваа, полошо од ова не може да биде. На вчерашниот состанок беа присутни претставници од 20 ноќни клубови присуствуваа и уште четири кои не можеа да присуствуваат од оправдани причини ја дадоа поддршката и ќе бидат отворени – вели Горан Арсовски од Здружение на ноќни клубови.

Иако пред еден месец, министерот за здравство Филипче најави дека кон крајот на октомври ќе се воведе мерка за задолжителни две дози вакцина за влез во кафулиња, ресторани, трговски центри – за сега нема ништо од таа мерка. Напротив тие ја укинаа и мерката со која се ограничуваше бројот на гости кои седат на иста маса во угостителските објекти. Филипче тврди дека мерките никогаш не биле политички, туку епидемиолошки.

Никогаш мерките не биле носени од било какви политички причини, гледаме низ призма на епидемиологија, во таа смисла на следниот состанок ќе биде дискутирана мерката за неопходни две дози вакцина за влез во рестораните – вели министерот за здравство Венко Филипче.

Инаку  од Здружението на ноќни клубови велат дека се спремни да работат според протоколи во координација со Комисијата за заразни болести, но и од таму не добиле повратен одговор. Според нив, дискотеките имале подобри услови за спроведување на мерките оти се работи за многу поголеми објекти од кафе-баровите.

Револтирани се и што немаат никаква финансиска помош, па принудени се како знаат и умеат да ги плаќаат режиските трошоци, но и ратите од кредидите од развојна банка, кои државава ги понуди како помош, а сега им дојде редот да се отплаќаат.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста