Соопштени први детали за трагедијата: Заштитната ограда не била по сегашните стандарди, но тоа не е причината

Заштитната ограда во која удри автобусот на Беса транс не била според сегашните стандарди. Туку според оние кои важеле во 2002-ра година, кога се реконструирал патот. Причината е што во 2021 биле воведени нови стандарди за поставување заштитна ограда. Ова го изјави министерката за регионален развој на Бугарија, Виолета Комитова. Таа сепак вели дека ова не е причина за големата трагедија, туку бил пожарот, за кој се уште нема информации како настанал.

-Патот има долга историја. За жал жртвите не можеме да ги вратиме. Ова е невообичаена катастрофа. По магистралите сме виделе многу катастрофи, превртени камиони, но овде имаме пожар кој според мене е прва причина за толку загинати, кој не знаеме како настанал, вели Комитова.

Целиот процес за големата трагедијата во која живи изгореа 45 македонски граѓани, можеби ќе трае и до пет години. Според претседателот на Здружението на вешти лица на Бугарија, Симеон Ананиев, ако се земе предвид низ кои инстанци треба да помине целиот овој случај, рокот за финална разрешница е доста долг.

-Целата процедура: предистражна постапка/истрага/со вештачење; кривичен суд од прва инстанца со вештачење; кривичен суд од втора инстанца; врховен суд како трета инстанца, ќе биде минимум 5 години, под услов случајот да не биде вратен на понатамошна истрага. На пример, железничката несреќа во Хитрино, Бугарија, каде што седум лица загинаа, а речиси 30 лица беа повредени по експлозијата на цистерни од воз, ја чека одлуката од трета инстанца, вели Ананиев.

Оваа истрага ќе ја работат бугарските институции во соработка со македонските. Во Бугарија од моментот на несреќата е и сопственикот на Беса транс, Беким Хаџиу. Тој во интервју за БНТ вели дека останува кај источниот сосед за да биде достапен за истражните органи. Ова е контра тврдењето на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој во петокот кажа тој бил тука во Македонија и бил достапен за нашите органи.

-Се вратив и им кажав да ме вратат, да видам со мои очи што е работата што се случило таму. Пред да тргне за накај Република Турција, сервис му правиме, го контролираме, се детално. Па дури и кога пристигнува во Истанбул и таму оди на сервис да се контролира, бидејќи превезуваме патници, вели Хаџиу.

Од македонска страна пак не се откриваат многу детали околу оваа истрага. Последно е изјавата на обвинителката Вилма Русковска, која вели дека знаела од каде започнал пожарот.

-Инаку јас тоа точно го видов, баш го имам и сликано, делот фактички од кај што е почнат пожарот, а тоа е багажниот простор кој се наоѓа над резервоарот на автобусот. Затоа што на автобусите, резервоарите се напред, вели Русковска.

Околу прашањето како автобусот за толку кратко бил целосно пеплосан, Вилма Русковска вели дека за одговор ќе треба повеќе време, велејќи дека за некои работи истрагата трае подолго.

Матеја Петровски

Advertisements