Сонот за подобар живот, се повеќе ја празни Македонија, стопанството алармира дека фалат работници

Партизираниoт јавен ресор, економската стагнација, отсуството на реални реформи во образовниот процес, се само дел од причините за масовното иселување на младите од Македонија. Ниските плати од 200 до 300 евра, за илјадници од нив се навредливи и демотивирачки, па во оваа неперспективна општествена реалност, која што перманентно се влошува, младите се одлучуваат што поскоро да заминат во странство. Стопанството алармира, и прави напори за работниците кои останале да ги задржи, но по се изгледа дека тоа е не доволно.

Квалификуваните работници на големо си одат од Македонија во потрага по подобро платена работа, а стопанството мака мачи како да најде кадар.

Иселувањето како глобален тренд е голем предизвик за економски кревката држава која ја напуштаат или планираат да ја напуштат сѐ повеќе луѓе, пред сѐ млади. Промени се можни, но само со сериозни реформи, кои во моментов ги нема. Стопанството прави напори, но по се изгледа недоволно, ако се суди по ниските плати кои им се нудат на работниците.

Според Наташа Ивановска, сертифициран тренер и консултант за човечки ресурси, колку повеќе компаниите имаат вештини за управување со човечките ресурси, толку вработените ќе бидат попродуктивни, а со тоа компаниите ќе остваруваат поголеми приходи и ќе има поголеми плати.

  • Платата е мотиватор, но за задоволството на едно работно место има прилично многу фактори. Колку повеќе се трудиме да креираме подобри услови за работа, толку тоа ќе биде подобро за сите. Бизнисите можат да направат повеќе и да го искористат она што се нуди преку вакви програми за да одат чекор напред со светските трендови, истакна Ивановска.

Искуството од Швајцарија покажува дека вклучувањето на компаниите во образовниот процес резултира со квалификуван кадар што е еден од клучните фактори за високата конкурентност на швајцарската економија.

Од Стопанската Комора свесни се дека нема компанија која не се соочува со недостиг на кадар, и затоа се прават напори да се задржат барем оние работници кои останале дома. Но кога работниците од кога ќе чујат за колку пари ќе работат, дополнително се депримираат.

  • Во таа насока идентификувана е потреба од поддршка на секторот за човечки ресурси во компаниите со цел поддршка и на стратешки развој на компаниите. Имено, во услови кога како општество во целост се соочуваме со недостиг општо на кадар и на квалификуван кадар дополнително. Паралелно има и проблем што компаниите не се во можност да ги следат инвестициските планови во кои работната сила е еден од клучните предуслови, истакна Даниела Михајловска од Стопанската комора на денешната прес-конференција.

Младите во Македонија само чекаат да заврши пандемијата за да си отидат. Стопанствениците посочуваат дека стапката на невработеност кај младите се уште е голема и оти тие повеќе си одат отколку што се враќаат. Ги избираат сите начини коишто ќе им се олесни патот.

На младите во Македонија во просек им се потребни две и пол години за да најдат работа по струка, и на крај си заминуваат разочарани.

Истражувањата за спречување на одлив на мозоци покажуваат дека тоа е најчестата причина поради што младите одлучуваат да ја напуштат земјава. Меѓу најважните причини покрај подобрата живеачка, се и фрустрациите од политичката состојба во земјава, која дополнително ги депримира.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста