„СОНК“: Масовен протест или генерален штрајк на вработените во образованието ако не се усогласат платите

Масовен протест или генерален штрајк на вработените во образованието, доколку владата остане глува на барањето на синдикатот за усогласување на платите. Претседателот на „СОНК“, Јаким Неделков алармираше дека со покачувањето на минималната плата, 10 различни работни позиции во градинките ќе земаат иста плата и покрај тоа што имаат различен степен на сложеност на работата.

Ако не им се зголемат платите на просветните работници во образованието и не се постигне договор со Владата, „СОНК“ најавува масовен протест или генерален штрајк. Според првиот човек на синдикатот, усогласувањето треба да важи за вработените во основното, средното и високото образование, како и за оние во ученичките и студентските домови.

  • Револтот во членството е огромен, особено во градинките и во основното и средното образование, во ученичките односно студентските домови, а секако и високото образование очекува да се вклопи во пресметките за усогласување на платите. „СОНК“ е конструктивен синдикат, остануваме доследни до крај се додека не се исцрпат сите расположливи синдикални средства, ќе се обидуваме да најдеме заеднички јазик со надлежните. Владата како најголем работодавец во државата не ги почитува законите и колективните договори, но тоа не треба да нѐ обесхрабри да престанеме  да бараме излезно решение за зголемување на платите односно нивно усогласување во овие дејности, рече Неделков.

Неделков алармира дека со покачувањето на минималната плата 10 различни работни позиции во градинките ќе земаат иста плата и покрај тоа што имаат различен степен на сложеност на работата, па така исто ќе бидат платени наставник и хигиеничар.

  • Може да се најде и алтернативно решение за синдикалните активности, но за тоа ќе имаме информации по сабота. Доколку преговорите не бидат успешни, тогаш во најбрз можен рок „СОНК“ ќе излезе со соопштение и ќе ги кажеме нашите следни чекори. Ова не е тенденциозно и не е од сега, но е прелевање на чашата и дуење на балонот кој не може да издржи и ќе пукне. Ние нудиме системски решенија за надминување на овој проблем. Точно е дека се работи за поголема сума на средства за да се усогласат платите, но ако има расположение од двете страни, оваа ситуација сигурно ќе се надмине. Најисправно е да се донесе решение за целиот јавен сектор, а не селективно да се гасат пожарчиња во една, друга или трета дејност. Проблемот е сериозен и не треба да се става под тепих зашто кога и да е ќе ескалира, истакна Неделков.

Советот на „СОНК“ ќе заседава в сабота, а на седницата ќе треба да се донесат заклучоци што ќе следи понатаму. Штрајкот ќе стапи на сила ако власта и натаму ги игнориа синдикатите за усогласување на платите, согласно Колективните договори.

Според „СОНК“, веќе од следната недела во Влада ќе заседава Економско-социјалниот совет, каде ќе се разговара и за усогласување на платите на вработените во јавниот сектор, пред се во образованието. Ако преговорите пропаднат, просветните работници масовно излегуваат на улица.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста