СОНК: Без конкретно-прифатлив предлог, штрајкот нема да прекине

Засилен притисок, наместо договор за прекин на штрајкот. Обарзовниот процес останува блокиран, а синдикатот алармира дека наместо конструктивност, власта употребува метод на притисок, посебно во градинките.

  • Ние тоа го толкуваме како жесток притисок врз штрајкувачите во градинките кои имаат законско право да го изразат своето незадоволство. На ваков начин не се гради доверба и не се наоѓа решение на проблемот, рече Неделков.

Според него, се работи за мобинг и вработените бараат да не се спомнуваат и заради нивна заштита не соопштува за кои градинки се работи, но повика надлежни за мониторинг – инспекции и локални самоуправи да влезат во градинките и да видат што се случува.

  • Луѓето се плашат јавно да говорат. Потребно е минимум доказ за кривични пријави, но ние не отстапуваме да ги поднесеме, додаде Неделков.

Од СОНК се подготвени наставата да продолжи но само кога ќе има прифатливо решение за нивните барања.

  • Без прифатлив предлог, практично е невозможно да се прекине штрајкот. Апелирам да покажат сериозен пристап, да смогнат сили, да покажат волја и да понудат соодветен процент за образование и детска заштита, како и за ученички домови кои се приклучија на штрајкот, да обезбедат средства, дали 18,4 или друг процент, ние мора да имаме понуда, истакна Неделков.

Министерот за образование апелира штрајкот да прекине, а наставата да продолжи. Тврди дека ги прават сите напори за повисоки плати, но до сега не понуди никакво решение.

  • Наставата може да продолжи, може и преговорите да продолжат. Ќе доставам барање до претставниците на СОНК за разбирање наставата да продолжи. Во тоа барање ќе имаат дека ние за најбрзо време ќе се усогласиме со нивното прво барање, со системско решавање на второто и третото барање, и заедно да продолжиме во други соработки, освен за плати, соопшти денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири пред Владата.

Дали се размислува за пренамена на буџетски средства за плати, од труд и социјала велат дека социјалниот дијалог продолжува, и не може да се зборува за пренамена на буџетските средства.

  • Социјалниот дијалог продолжува. Се до моментот додека немаме конечно решение не можеме да зборуваме за пренамена на средствата, затоа што СОНК покрај зголемувањето на платите имаат и други барања. Колективниот договор завршува на 28 јуни и таму ќе се внесат сите барања кои се оставени од СОНК до Министерството за труд и социјална политика, и ќе го донесеме најсоодветното решение, рече министерката Тренчевска.

Од СОНК се пожалија дека било нехумано воспитувачките во градинките да се затвораат во мали простории и да не им се дозволува да јадат, да одат во тоалет кога сакаат, а на бремени вработени да не им се дозволува да излезат на воздух.

Штрајкот, според Неделков, се повеќе добивал на динамика и го поддржуваат вработени што не биле членови на синдикатот. Кој е процентот што би бил „црвена линија“ за СОНК засега не може да се каже. Конечниот збор за секоја понуда на власта ќе го каже синдикалното членство.

Борис Грујоски