Сојузот на стопански комори против предлог мерката за зголемување на акцизата за горивата

Оптоварување за граѓаните и стопанството во време кога им треба безусловна помош.Ова според Сојузот на стопански комори би се случило доколку се усвои мерката за зголемување на акцизата за горивата за два денари. Како што истакнуваат од сојузот мерката би била во корист на две три фирми и ќе предизвика штета на над 99 проценти од субјектите во приватниот сектор.

“Ова барање за зголемување кое до Владата го предложила Стопанската комора, ќе предизвика дополнително оптоварување на домаќинствата, земјоделците, ќе ги зголеми цените на транспортот, како и цената на голем број производи и услуги. Мерка која е во корист на 2-3 фирми, а на товар на претприемачите и граѓаните и тоа во време на криза, не е добредојдена”, велат од Сојуз на стопански комори на Македонија.

Пополнувањето на буџетската дупка за неопходните мерки никако не смее да се реализира на овој начин туку со финансиски стимулации истакнуваат од сојузот.

“Со ваква редистрибуција само ќе се зголемат животните трошоци на граѓаните, како и трошоците на малите и средни претпријатија, кои овие енергенси ги користат како инпут во своите деловни процеси. Излезот од кризата не лежи во зголемување на акцизите, а преку тоа и на цените заради полнење на буџетот, туку во обезбедување на институционална финансиска инјекција кон приватниот сектор и граѓаните”, велат од Сојуз на стопански комори на Македонија.

Националната федерација на фармери исто така е против предлогот за зголемување на акцизата. Сметаат дека ќе бидат погодени земјоделските стопанства. Истакнуваат дека 180 000 семејства егзистираат од земјоделство и 45 проценти од македонското население живее во рурални средини.

Вчера за предлог мерката реагираа и камионските превозници кои сметаат дека покачувањето ќе удри по џебот на граѓаните. Владата размислува да ја прифати препораката на стопанската комора за зголемување на акцизата. Тоа го потврди и министерката за финансии Нина Ангеловка. Опозицијата обвини дека мерката грѓаните ќе ги чини 35 милиони евра, а повисоката акциза ќе значи и повисоки цени.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста