Сојуз на Туристички агенции: Нула денари приход, а веќе 121 ден поминат. Државо, благодариме што се грижиш за нас!

Над 5.000 граѓани ќе бидат отпуштени од работа, семејните бизниси ќе се затворат, многу родители ќе останат без плата и никаков приход за нивните деца. Нула денари приход, а веќе 121 ден поминати.
Државо, благодариме што се грижиш за нас! – пишува сојузот на Туристички агенции од Македонија

Тие додаваат: Ова го кажуваме во име на сите агенции. За да им биде појасно на луѓето што не можат да нè разберат, а деновиве се уверивме дека има многу од нив, ќе се обидам да објаснам.
Уште откога стигна оваа корона на злото, сè запре. Животот запре. Но сметките не запреа. Тие пристигнуваат уредно секој месец. Два месеца живеевме како во филмска научна фантастика. Датумот 14 март, означен на работниот календар во агенцијата, оттогаш не го помрднав. Тоа беше мојот последен активен работен и среќен ден. Остана како слика во рамка.

Секој живот е променет. Луѓето се сменија. Навиките се сменија. Стравот влезе во секој човек, за здравјето и животот на своите најблиски. Карантин мерен со денови. Полициски час мерен со часови, секојдневно. Монотонија. Одењето во продавница стана и е стресно за многумина.
Некои работеа малку, некои уште помалку, некои се „убиваа“ од работа, некои воопшто не работеа.
Дали има потреба да се објаснува како влијаеше тоа врз туризмот? Дали има потреба да се објаснува дека туризмот е единственото нешто што не се движи од 18 март? Дали има потреба да се објаснува како ни изгледа нашиот живот од 18 март 2020 година?
Изгледа дека има.
На 18 март беше прогласена вонредна состојба и отидовме на присилен годишен одмор, за разлика од повеќето што работеа, без разлика дали од дома или не, без разлика дали со намален обем на работа или не. Но ние немаше што да работиме, ниту од дома, ниту онлајн. Ние само ги броевме деновите и се надевавме на нов почеток од старото време што си го живеевме- се вели во соопштението на Туристички агенции од Македонија.

извор – Нова Македонија

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста