Сојуз на средношколци: Електронските учебници да бидат алтернатива, а не постулат

Кога зборуваме за дигитализација, слушаме за нешто апстрактно, слушаме за дигитализација без дигитални уреди – реагираат од Сојузот на средношколци за воведувањето на дигитални учебници што го оценија како тежок процес. Средношколците цврсто стојат на ставот дека учењето на компјутер не треба да биде постулат, туку алтернатива и бараат оваа реформа да се имплементира по Белгискиот модел за образование, кој предвидува ученикот да избере на кој начин ќе ја следи наставата.

„Некои го претпочитаат старомодното вртење на хартиени страници, други сакаат да учат преку дигиталните алатки. Образовните институции мора да ги почитуваат индивидуалните желби и преференции на сите ученици. Сојузот смета дека чекорот кон дигитално образование е во добар правец, но сепак, дигиталното не смее да биде единствено решение“, порача претседателот на Сојузот на средношколци.

Од сојузот велат дека нема да дозволат дискриминација на учениците, некој да учи од скап таблет или лаптоп а друг од скрипта. Тоа што министерката Царовска постојано за пример ја става Естонија, земја во која образованието е дигитализирано, според нив не е репер, бидејќи токму во таа земја, надлежните имаат овозможено компјутери за сите. Остро реагираа и на настапот на Мила Царовска која заклучи дека на децата не им е интересно во училиште.

„Ја потсетуваме министерката за протестите во 2020 на учениците да се вратат во училишните клупи. Тие протести покажаа дека училиштата не се само објекти, туку места каде што се учи култура, се применува почит и социјализација. Изјавата колку и да звучи логична за некого, заклучокот на министерката не е само паушален, туку може да биде и опасен“ – додава Ходаи.

Родителите, но и наставниците кои членуваат во групата „Учебници и настава мора да има“, која брои над 60 000 членови  а се против целосната дигитализација во образованието, во среда пред Министерството за образование и наука ќе ги соопштат своите барања. Од средношколскиот сојуз најавија дека ќе ги поддржат, долку проблемите ги решаваат активно и конструктивно во живо, а не на социјалните мрежи.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста