Софија и Белград чекорат кон иднината по модерни патишта, ние заглавивме во пазарењето со историјата за минатото

Инфраструктурен и економски бум за подобро утре, наспроти историско пазарење и враќање во минатото. Софија и Белград интензивно ја градат европската иднина и реализираат огромни капитални проекти. Она што кај нас се уште е во најава, овие две земји веќе го реализираат. Па така наскоро од Белград до Софија ќе се патува за три часа, а двете земји ќе го заокружат и проектот за гасоводна мрежа преку реализација на проектот Балкански тек.

Работите интензивно течат и во услови на пандемија. Во тоа се увери и српскиот претседател Вучиќ во обиколката која му ја организираше Борисов.

– Бевме во обиколка на двата важни проекти. Завршувањето на автопатот меѓу границите на двете земји Србија и Бугарија е од големо значење. Потоа ќе се вози од Белград до Софија за 3 часа. Тоа е нешто за што ниту Србите, ниту Бугарите пред многу децении не можеа ниту да сонуваат, рече претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

– Дојде време кога повторно сите заедно, и Бугарите и Србите ќе се веселиме, ќе се дружиме и заедно ќе прославуваме, во име на овие крупни проекти. Па во таа смисла, барем малку да заборавиме на пандемијата Ковид-19. Мора многу брзо сите да се вратиме во нормала. Што се однесува до работата на трасите не застанавме ниту за момент, интензивно цело време се работеше за доброто на сите граѓани, рече премиерот на Бугарија, Бојко Борисов.

Вуќиќ и Борисов се возеа долж новиот автопат, но и ги надлетуваа останатите капитални проекти како оној за гасоводот. Соработката според двајцата лидери е само потврда на заложбите за продлабочување на пријателството помеѓу двете земји и градењето заедничка европска иднина.

Во стратегијата за Македонија овој пат немаше ниту збор. И додека Софија и Белград одат со крупни чекори напред, кај нас работите одат дури и назад. Па така нема ништо од најавените инфраструктурни проекти за поврзување со Бугарија. Железницата тапка во место, а автопатското поврзување е само на хартија. Но затоа интензивно се работи на чешлање на историјата и враќање во минатото.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста