Собранието си штанца закони по скратена постапка

Речиси секој трет закон кој лани го донеле народните избраници бил донесен по скратена постапка. Дури 71 закон од вкупно 267 донесени во периодот од 1-ви јануари до декември 2018-та ја заобиколиле редовната постапка и се донесени експресно, говори Годишниот извештај на Собранието за 2018-та. Она што е евидентно е дека во поголем дел од тие закони кои се донесени по скратена постапка или во 126 предлагач е Владата.

Податокот дека во 126 случаи Владата барала кратење на роковите во носењето на законските решение се коси токму со изборната програма на СДСМ „План за живот“ од 2016-та каде изречно е наведено дека ќе залагаат за функционални институции, а „Скратената процедура е лоша процедура“.

-Скратените и итни процедури на носење на закони го осакатуваат нивниот квалитет и создаваат правна несигурност кај граѓаните и правните субјекти. Ќе ја ограничиме нивната примена само во оправдани ситуации. Еднаш годишно, претседателот на Собранието ќе реферира пред Законодавно-правната комисија за употребата на овие процедури и нивната оправданост, стои во изборната програма на СДСМ од 2016-та.

Дека владејачкото мнозинство речиси секој трет закон притиска да биде донесен по скратена постапка говори и последното гласање на потребата за донесување на Законот за јавно обвинителство, за кого Министерката Десковска велеше дека е оправдано оти така ќе се изгаснел огнот околу скандалот кој го тресе СЈО.

Во голем дел од образложенијата на мнозинството за носењето на законите по скратена постапка е дека мора да се забрза рокот поради европската агенда. Но годишниот извештај наведува дека само 26 закони се донесени за усогласување со правото на ЕУ.

Ивана Соколовиќ Најдова