Собранието „штанца“ закони, за три дена поднесени се дури 41 предлог закон

Собранието предизборно се претвора во владина печатница на закони по скратена постапка. Контра ветувањата дека законите нема да бидат носени без дебата, владејачкото мнозинство на СДСМ во минативе 3 години, 55 проценти од законите ги донеле на тој начин. Од вкупно 425 закони 232 биле донесени по скратена постапка, изјави денеска пратеникот Илија Димовски. На следната седница закажани се речиси 80 нови различни закони, за кои Собранието нема да може да дискутира, обвинува Димовски.

-Собранието на Република Македонија за жал стана нотар на Владата. Само во изминативе три дена во Собранието на Република Македонија пристигнаа 41 предлог закон, од кои повеќето по скратена постапка. А во рамки на веќе закажаната 123 седница во Собранието која што треба да се одржи во среда вкупно закажани се 79 различни закони, изјави Димовски.

Според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, ова е со цел политички бенефит на власта во предизборниот период.

-Во Собранието се штанцаат закони кои што единствена цел имаат СДСМ во текот на предизборниот период да купува гласови на крајно низок начин да врши уцени врз бизниси и да врши манипулации, изјави Димовски.

Сепак, меѓу големиот број закажани закони за седницата на 11 декември, власта не најде за згодно да ја стави и ратификацијата за членство на Македонија во НАТО, која ја побараа опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса на Албанците.

-Ние очекуваме дека на почетокот на 2020-та овој процес ќе финишира и тоа ќе ни даде шанса нашиот Парламент да не ратификува на жими мајка. Во оваа држава многу често ни се случило да мислиме дека сме ја завршиле работата и тоа да не се случи. Затоа се луѓето често пати загрижени и уплашени и дуваат на јогурт како што велиме. Овој пат сакаме да чекориме на цврсто, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Покрај скратената постапка, Собранието во овој мандат доста често го злоупотребуваше и европското знаменце, се носеа закони кои не беа важни за евроинтеграцијата на Македонија. Последен случај во кој неосновано беше искористено знаменцето е законот за опојни дроги.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста