Собранието ќе има мнозинство за гласање на потребата за промена на деловникот за онлајн работа

Очекувам мнозинство за изгласување на потребата за промена на деловникот за онлајн работа на парламентот, порача собранискиот спикер, Талат Џафери на брифинг со новинарите. Ако има потреба, промената на деловникот ќе оди по скратена постапка. 

Џафери вели ако се овозможи онлајн работа на собранието, тоа ќе трае додека трае и пандемијата. Појаснува дека нема сите пратеници да имаат можност да се вклучат од дома, туку само оние кои поради корона вирусот нема да можат физички да присуствуваат на седниците, а нивната здравствена состојба дозволува работа од дома. Ќе мора да го известат претседателот и да достават документ од здравствените власти кој ќе биде на увид на сите пратеници. 

Целта на дополнувањето на Деловникот, како што вели, е пратениците да се вклучат онлајн доколку имаат решение за изолација и доколку се двајца, тројца или петмина, а не целото Собрание да работи онлајн. Според Џафери, ова би важело во услови на пандемија и не е идејата пратеник „што спие дома“ да се вклучи онлајн туку тие што имаат решение за изолација и немаат потешки последици од болеста, а формално не можат да присуствуваат на седницата.

  • Право и должност е на пратениците да учествуваат во работата на Собранието, дека опозициските пратеници се присутни на седница, а потоа на пет минути пред гласање излегуваат од салата, потенцираше Џафери.

Претседателот на Собранието вели дека поради неможноста за гласање поради немање мнозинство, има закони кои се уште се во собраниска процедура.

  • Има дел од законите кои иако се по скратена постапка, за нив не заседавале комисиите, рече Џафери.

На денешната 22. седница се очекува избор на двајца потпретседатели на Собранието на предлог на владејачкото мнозинство. Предлозите, според информациите од Собранието, се Горан Мисовски од НСДП, кој и во претходниот собраниски состав беше на оваа функција и Фадил Зендели од Беса. Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека нема да гласаат за предлозите за потпретседатели, по што ја напуштија собраниската расправа.

Денеска треба да се повикаат во Собранието Зоран Заев, Никола Димитров и Бујар Османи, ако треба и на затворена седница, да се поразговара за македонските црвени линии и да бидеме информирани како пратеници што е тоа што преговара и што се е спремен Зоран Заев да продаде од македонската држава.изјави денеска за медиумите, Никола Мицевски, координатор на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, утре ќе продолжи комисиската расправа за предлог буџетот. Доколку пратениците работат со потребната динамика се очекува на 18 декември да биде гласањето. Првата седница за пратенички прашања на овој пратенички состав е закажана за 30 декември.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста