Собрани над 25 000 потписи за поништување на Законот за попис

Помалку од три часа беа доволни да се соберат потребните 10 000 потписи на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за поништување на Законот за попис.Граѓаните го дадоа потписот на 350 пунктови во шесте изборни единици низ цела Македонија. Секој со свое гледање зошто законот треба да се поништи. Велат не треба да се дозволи да се спроведе политичка операција со фаворизирање етнички заедници и непочитување на европските стандарди.

Мицкоски се потпиша во скопски Карпош, а потоа го посети пунктот за собирање потписи во Свети Николе. Вели дека го дал својот потпис за да се спречи фалсификат и кражба и за политиката да се тргне од статистиката. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека треба да има европски попис, а поддршката од граѓните верува дека ќе биде клучна при доставувањето на иницијативата од страна на пратениците до претседателот собранието Џафери.

“Замислете четири години ние буквално потонавме во ова политичко мочуриште, во оваа политичка тиња, буквално ниту еден проект не направија почнувајќи од почеток до крај, замислете на што ќе личи овој попис направен во 20 дена по рецептата скроена од Зоран Заев и СДСМ. Јас ќе ви кажам дека тоа ќе биде една обична бламажа и еден обичен срам”, изјави Мицкоски.

Собирањето потписи продолжува и утре, а од СДСМ возвраќаат дека тоа нема да го спречи одржувањето на пописот.

“Иницијативата за собирање партиски потписи против Законот за попис, само го зајакнува она што граѓаните веќе добро го знаат.ВМРО-ДПМНЕ со Христијан Мицкоски се анти народна партија која работи против своите граѓани и против својата држава.Секој пратеник од било која пратеничка група, до Собранието може да достави предлог текст на Закон”, изјави Снежана Калевска – Ванчева од СДСМ.

Според законското решение предвидено е пописот да се реалзиира од 1 до 21 април. Ќе се попишува и населние кое живее во Македонија, но и оние граѓани кои не се резиденти. Роднините на иселениците ќе можат да гарантираат за нивните податоци и етничката припадност.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста