Со воз до Бугарија најрано во 2027 година

Патувањето со воз до Софија ќе почне најрано за 8 години. Откако крајниот рок за изградба на железницата кон Бугарија многу пати беше пролонгиран, Македонија сега треба да ја изгради пругата до граница до 2025-та, но за патување со воз ќе почекаме, бидејќи Бугарија има обврска пругата до границата со Македонија да ја изгради до 2027 година.

Градежните работи на првата фаза од железницата, на потегот од Куманово до Бељаковце се закочени повеќе од две години, главно поради проблеми со незавршена експропријација на земјиштето. Министерот за транспорт вели со склучување на анекс договор со изведувачот активностите ќе продолжат догодина, исто како и изградбата на потегот од Бељаковце до Крива Паланка, но откако ќе се избере изведувач. Тендерот беше објавен летово, а предвидено е градежните работи да траат 4 години.

Токму за втората фаза од делницата од Бељаковце до Крива Паланка чија изградба ќе чини 147 милиони евра, Македонија доби пари од ЕБОР. Денеска беше потпишан Договор за грант од скоро 69 милиони евра.

„Штом проектот ќе заврши, граѓаните од двата главни града Скопје и Софија ќе ја поминуваат разделеченоста со воз, но што е уште поважно транспортот на стока ќе биде поевтин и полесен“, рече Самуел Жбогар, евроамбасадор во Македонија.

За третата, фаза од пругата, потегот од Крива Паланка до македонско – бугарската граница, Владата допрва ќе бара пари за финансирање. Оваа е и најскапата делница, предвидено е да чини најмалку 350 милиони евра. Пругата кон Бугарија е дамнешна неисполнета желба на фирмите и граѓаните. Активностите започнати во 1994-та, па прекинати во 2004-та година, па продолжени пред 4 години, конечно треба да завршат точно 31 година по стартот на изградбата.

Тања Попова