Со увозот на јуници, малите фармери пак ќе бидат оставени на цедило ?!

          Претстојниот увоз на јуници, кој државата го планира како мерка за помош на македонските сточари, но  и за заштита на драстично опаднатиот сточен фонд во земјава, ги вознемири помалите фармери. Тие стравуваат дека и овој пат ќе бидат извисени и дека придобивката ќе ја имаат само големите фармери.

  „И да донесе државата јуници, тие ќе бидат премногу скапи. Значи, за наши услови 3.000 евра, 3.500 евра јуница, од ситните фармери никој нема ни да ги земе, а и нема ни предност. Тоа е услов. Треба да поседуваш најмалку 15-20 грла крави, па за да добиеш од јуниците. Тие го носат тоа пак само за големите фармери. И тие се јуници преку ИПАРД, неповратни средства, од тоа ние немаме ниту аир, ниту бериќет“, – ни рече Тони Петковски, сточар од с. Велушино, битолско.

   Ситните сточари велат дека и покрај извесното покачување на откупната цена на млекото која достигнала до 22 денари за литар, тие и понатаму работат со загуби, бидејќи производната цена, со сите поскапувања ги чинела од 28 до 30 денари. Затоа бараат итни, стратешки интервентни мерки од државата, а на што инсистирале уште минатата година. Во спротивно, велат, дека распродавањето на стоката ќе биде уште поинтензивно.

  „Тие јуници одат кај покрупните фармери, не одат кај поситните. Да пишеме една, две, три…толку има услови некој, да се зголемат, да се измелезат кравите. Тие одат кај поголемите каде што земаат по 20, 30 и се во одредена цифра и до нас не стигнуваат. Ние сакаме да има некоја програма каде што ќе можеме да земеме 2,3,5 некој и десет, ама тоа за нас е уште далеку. Во малите не се инвестира, помалите едноставно се запоставуваат и затоа иди до вака, до растурање на многу фарми“, – објаснува Борче Бучински, сточар од с. Могила.

  Поситните сточари тврдат дека не биле заштитени од никого и дека штом нешто ќе побарале од државата, тие биле третирани како нејзини непријатели, наместо како хранители на нацијата. Затоа тие бараат итна директна средба, на лице место, и со откупувачите, и со надлежните претставниците на државата.   

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста