Со ребалансот на буџетот, наместо зголемена поддршка за аграрот, им се кратат парите на земјоделците

Наместо зголемена поддршка за аграрот, со ребалансот на буџетот државата им ги крати парите за земјоделците. Ова се случува додека производителите на овошје и зеленчук мака мачат околу откупот, во исчекување на ветените државни субвенции. И наместо пари за унапредување и модернизација во секторот, државата крати 20 милиони евра од ставката за рурален развој од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството.

Земјоделците се пожалија дека производите во голема мера им завршуваат на буниште, и дека немаат пари да си ги изораат нивите, а камо ли да преживеат.

– Ова е катастрофа, државата ништо не направи за нас, земјоделците веќе не веруваат во ништо и оставени се сами на себе, на милост и не милост, се пожали за Алфа оризопроизводителот Здравко Арсов.

Државата крати 1.5 милиони евра и од ставката за водостопанство, каде изминатиов период имаше сериозни проблеми што нанесоа штета на производството.

– Ќе излеземе на протест наредната недела, зашто ова ги премина сите граници, мора нешто да се направи, реагира Арсов.

Ништо не е подобра ниту состојбата со лозарите. Ако состојбата во секторот не мрдне од мртва точка, тие размислуваат да ги напуштат нивите, а голем дел од нив имаат на ум да ја напуштат и Македонија.

Програмата за финансиска поддршка во земјоделството е во минус од 65 милиони евра, а со ребалансот нема пари за земјоделството, што значи дека земјоделците и натаму ги чекаат ветените субвенции. И додека земјоделците сами ќе мора да се снаоѓаат во решавањето на натрупаните проблеми, ребаланс во делот на земјоделство предвидува дополнителни 25.000 евра за купување мебел и нови 150.000 евра за службени автомобили.

Борис Грујоски