Со промена на обвинението за 27 април власта ќе ја штити независноста на судството!?

Членовите во Законот за амнестија нема да се однесуваат на тероризам, туку за дела за кои е предвидена помала почетна казна – Премиерот Заев ги потврди информациите на собраниското тело за да има помилување ќе се примени членот 324, односно, Здружување заради непријателска дејност, а за тоа е неопходна преквалификација на делото.

-Конечната цел е да донесе помирување, подавање рака меѓу Собранието, но со тенденција тоа да продолжи и на вертикално ниво, и кај навивачките групи, и во општините и кај подмладоците во партиите.Членовите во законот што ќе доведуваат до идно казнување нема да бидат тероризам со над 10 години казни, туку ќе бидат помали почетни казни. Но, казни ќе има. Со законот ќе се испрати пораката, казнувањето мора да постои, но и најважната порака е да нама мешање во правосудството, вели Заев.

Следната недела предлог-текстот на законот за амнестија треба да се усвои во телото за помирување и веднаш да биде ставен на пленарна седница каде треба да се гласа по скратена постапка.

Обвинетите за собраниските настани со кривичен прогон во судска или истражна постапка ќе може да побараат од судот и обвинителството да биде помилувани. Но оваа привилегија ќе ја немаат оние кои командувале, насилниците и организаторите за собраниските настани од 27 април. За да има амнестија тероризмот ќе се преквалификува во Здружување заради непријателска дејност. Иако телото за помирување тврди дека му дава одврзани раце на судот и на обвинителство да ја водат правично и праведно постапката сепак повеќе од сигурно е дека пратениците кои според обвинението се наоѓаат на врвот ќе бидат помилувани. Извесно е дека прогонот ќе продолжи за командна одговорност критичниот ден.

И членот 324 од КЗ кој најверојатно ќе биде применет за да важи амнестијата за собраниските настани е во делот на Дела направени против државата, како и Терористичко загрозување на уставниот поредок за кое обвинителството ги гони 33-цата обвинети. Но за разлика од доживотната затворска казна во делот тероризам, овде доколку дојде до преквалификација казната е помала, односно минимум 4 години.

Од понеделник се очекува и изнесување на завршните зборови за судскиот процес за 27-ми април, а со тоа и можност за преквалификација на делото, за да се спроведе и амнестијата.

Ивана Соколовиќ Најдова