Со повеќе од еден месец задоцнување стапуваат на сила новите економски мерки, бизнисмените разочарани

Власта доцни со реализацијата на четвртиот пакет мерки за спас на стопанството, се жалат стопанствениците. Новиот пакет мерки стапи во сила, но исплатата на парите допрва ќе се чека со оглед на процедурите. До утре, фирмите кои се погодени од кризата треба да поднесат барања за помош до Управата за јавни приходи. Но проблемот е што веќе е речиси половина ноември, а парите се за октомври. Стопанствениците се жалат дека едвај преживуваат и имаат еден куп проблеми:

  • Законот за исплата на плата за октомври, ноември и декември доцни. Роковите се стеснуваат, а најголем дел од товарот за аплицирање и изготвување на документација паѓа на товар на сметководителите. Поради кусите рокови некои претпријатија нема да можат да аплицираат за парична помош од државата. Причината за ова лежи во слабата координација меѓу државните институции, односно како што велат министерството за финансии и УЈП. Сметководителите апелираат јасно да се дефинираат условите за добивање на финансиска помош, посочи Александра Андреева.

Четвртиот пакет мерки за дел од бизнисмените само привремено ќе помогне. Парите се добредојдени, но далеку од доволни за покривање на сите загуби. Стравуваат дека допрва следувало уште полош период.

  • Состојбата со бизнисте е многу тешка. Текстилните фабрики се соочуваат со многу предизвици, намалени нарачки, но и отежнати услови на стопанисување. Помалите фабрики поради лошата состојба се доведени во прашање и не се знае дали ќе опстанат наредниот период, вели Ангел Димитров, Претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија, кој додава дека само неговата комапнија се соочува со пад од 18% во време на криза, но вели дека и натаму силно ќе се борат за да се ублажи ударот.

Во зависност од загубите, државната помош варира-од 14.500 до максимум 21.776 денари по работник. Наспроти барањата на синдикатите, парите повторно директно ќе ги добиваат газдите, а не работниците. Ова беше барање за да се избегнат злоупотреби, за што од УЈП велат дека овој пат строго ќе бидат санкционирани и кривично гонети.

Каква е состојбата, доволно зборуцва податокот дека без плати, или со нередовни примања се над 100.000 работници. Мерката за помош за плати е дел од антикризниот пакет кој помина во собранието. За оваа намена се издвоени 70 милиони евра.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста