Со половина година задоцнување конечно стартува социјалната реформа

Со половина година задоцнување, конечно стартува социјалната реформа во земјава, која беше најавена во програмата на СДСМ пред парламентарните избори. Корисниците на социјални права конечно можат да здивнат, но не и да се опуштат. Тоа практично значи дека веќе нема да има луѓе кои преживуваат со по 50 или 100 денари дневно, туку ќе живуркаат со речиси 200 денари.

Социјалната реформа, предвидува и пензија за секого, a детскиот и образовен додаток се зголемува.

Министерката Мила Царовска, ги повика сите лица кои се во социјален ризик од среда (29 мај) да се пријавуваат во центрите за социјална работа.

– Со оваа реформа се воведува тој семеен пакет или минимален адекватен приход што ги содржи во себе и детскиот и образовниот додаток, енергетскиот додаток, но и оној социјален трансфер што државата има обврска да го трансферира кон сиромашните семејства. Со целата реформа се зголемува за 20 пати бројот на деца кои ќе примаат детски и образовен додаток. Со реформата првпат се воведува и Закон за социјална сигурност на стари лица, а со тоа се воведува и државна пензија во износ од околу 6.000 денари, која се исплаќа преку социјалниот систем, а не како контрибуција од пензискиот систем. Шест илјади граѓани кои не оствариле право на старосна пензија првпат треба да го добијат овој надоместок, рече министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

По низата реакции до министерството за труд дека го укинува додатокот за трето дете, министерката рече дека тој не се укинува, туку дека пари ќе земаат само оние семејства кои се сиромашни, а тоа нема да важи за богатите.

Колку ќе се подобри буџетот на најранливите категории граѓани ќе се знае веќе од наредниот месец. Социјалната помош кај некои семејства ќе биде околу 10.600 денари, а се предвидува и повисок детски и образовен додаток.

Со новиот закон се предвидува детскиот додаток да го користат 73.500 деца. Исто така и во делот на образовниот, кој ќе го примаат 64.316 деца. Се воведува и социјална сигурност за стари лица кои останале без старосна пензија и немаат други извори за егзистенција. Ова ќе значи дека сите оние кои што имаат навршени 65 години, а немаат стаж, ќе земаат по 6.000 денари месечно.

За реформата, годишно во буџетот се предвидени две милијарди денари.

Борис Грујоски